Клинички центар доби апарат за прецизно дијагностицирање на опасна бактерија

 

Нов софистициран апарат  за испитување на бактеријата хеликобактер пилори, која се смета за предизвикувач на ракот на желудник, доби Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија во Скопје. Вредноста на апаратот е три милиони денари. Министерот за здравство, Никола Тодоров, кој денеска по тој повод ја посети Клиниката.

Дијагностиката во Македонија, додаде, најчесто се правеше преку крв, некогаш и со поинвазивни методи како гастроскопија, но тие се или инвазивни методи или со помало ниво на точност. Точноста на испитувањето преку крв, рече Тодоров, е некаде до 60 проценти, а со овој апарат точноста е од 95 до 98 проценти.

- Очекуваме овој апарат да има сериозна примена во Клиниката, имајќи го предвид бројот на пацинети на кои им е потребна оваа дијагностика. Очекуваме по ставање во систем на апаратот, ваков апарат да набавиме и за другите здравствени центри во земјата бидејќи тој не може да ги покрие сите потреби за вакви испитувања, рече Тодоров.

Директорот на Клиниката за гастроентерохепатологија проф. др. Ненад Јоксимовиќ истакна дека новиот апарат ќе овозможи повисоко ниво на работа на Клиниката за дијагностицирање на овој вид на болни, како и за нивно следење по примената терапија.

- Единствен проблем беше во следењето по дадената тераија бидејќи со ниту еден досегашен тест не можеше да се провери дали е направена ерадикацијата или не. Овој тест ни овозможува тоа да го направиме на брз и многу едноставен и неинвазивен начин, така што ќе најде голема примена посебно кај оние пациенти кои се ризични за појава на малигни заболувања, кои се семејно оптеретени со малигни заболувања, со чести улкуси и тие што се веќе оперирани од малигно заболување или улкусна болест, рече Јоксимовиќ.

Инаку, Хеликобактер пилори е бактерија, која главно се внесува преку уста, односно фекално-орален пат на контаминација. Може да се пренесе преку некој што е веќе заразен, преку нечисти раце и недоволно подготвена храна, конзумација храна или течност од иста чаша, односно чинии... Чисти раце се добра превенција да не дојде до оваа појава.

06.07.2014 - 14:19
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа