МНР до Самарас: Македонскиот јазик е реалност
Министерството за надворешни работи на Република Македонија реагираше по изјавата на грчкиот премиер Андонис Самарас дека македонскиот јазик не постои.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
Г-дин Самарас, во Брисел изнесе ставови кои се однесуваат на Република Македонија. Тие се одраз на личен демократски капацитет и за прифаќање на различности во модерното европско општество. Значајно е во овој контекст да се спомне следното:
1. Не е добро политичар од земја членка на ЕУ да руши столбови на владеење на правото и демократските принципи;
2. Не е добро да се игнорираат пресуди на Меѓународниот суд на правдата кои се однесуваат на кршење на меѓународното право;
3. Најмалку е добро да се потикнува нетолератност кон разликите преку манипулирачки изјави за непризнавање на посебности на држави, етникуми, јазици и идентитети;
4. Македонскиот јазик е реалност официјално препознаена дури и во Атина, како од периодот пред и помеѓу светските војни, така и во рамки на третата конференција за стандардизација на географски имиња, одржана во Атина во 1977 година.
5. На крај, несоодветно е политичар кој инсистира на солидарност во финансиски контекст, да подзаборава на иста солидарност во демократски контекст, во што секако спаѓа и почитувањето на посебностите и основните човекови права.
(Ијнтегрален текст од писмена изјава на Лолита Хасани од Секторот за односи со јавност од Министерството за надворешни работи)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа