Уставните измени влегуваат во Собрание на 15 јули

 

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за 15 јули ја закажа Комисијата за уставни прашања на која ќе бидат разгледувани уставните измени, чиј предлагач е Владата на Република Македонија. Целата процедура за носење на уставните измени треба да заврши за 3,5 месеци односно до средината на октомври.

Потребата за измени на Уставот, Собранието со двотретинско мнозинство треба да ја утврди на седницата закажана на 16 јули.

Како што објасни на денешната средба со новинарите претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, потоа уставните измени ќе бидат вратени во Владата која во рок од седум до десет дена треба да изготви нацрт-амандмани, за кои во текот на следните триесет дена треба да се гласа во Собранието.

Според процедурата, откако ќе го поминат собранискиот филтер, нацрт амандманите се враќаат во Владата. Се очекува овие нацрт-предлози да се изгласаат до крајот на август по што ќе бидат дадени на јавна дискусија. Сите засегнати во периодот на јавна дискусија ќе имаат можност да дадат свои предлози по што Владата ќе треба во рок од 30 дена да изготви предлог - амандмани и да ги врати во Собранието. 

За секој предлог - амандман ќе се гласа поединечно со двотретинско мнозинство. Целата процедура за носење на уставните измени би требало да трае околу 3,5 месеци. Според оваа процедура тие треба да бидат донесени до средината на октомври.

Доколку во првата фаза не се изгласа потребата за уставни измени, целата постапка се запира. За вака предложени амандмани не е потребно бадентерово гласање.

Последните измени на Уставот беа донесени на 12 април 2011 година.  

Вељаноски информираше дека на седницата закажана за 10 јули на дневен ред ќе бидат ставени нови измени и дополнување на Законот за пратеници, по скратена постапка, што вчера до претседателот на Собранието го доставиле координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски. Измените на овој закон што беа ставени на дневен ред на четвртатата седница, предлагачот, пратеникот Николовски ги повлекол.

На оваа седница на дневен ред ќе бидат и одлуките за надомест на трошоците на политичките партии за претседателските и парламентарните избори. За секој добиен глас политичките партии и кандидатите кои освоиле гласови ќе добијат по 15 денари по глас.  

Можно е на оваа седница да бидат изгласани и замениците-министри, но тоа зависи дали до тој рок премиерот ќе достави предлог - листа до Собранието.

За тоа кога Собранието ќе ги констатира оставките на пратениците од опозицијата, Вељаноски најави дека во јули и август тие нема да бидат ставени на дневен ред. Рече дека тоа е негова одлука и остава простор за дијалог. Освен Љубица Буралиева и Солза Грчева, досега ниту еден друг пратеник од опозицијата не ја повлекол својата оставка. Без разлика дали ги повлекле оставките или не пратениците од опозицијата земаат цела плата од Собранието, која во просек изнесува околу 65.000 денари. Имајќи предвид дека оставките нема да им бидат констатирани ниту во јули, ниту во август, најверојатно тие ќе земат цела плата и за овие месеци

МИА

04.07.2014 - 13:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа