Висок ѕид меѓу Груевски и Заев
Преговорите Груевски и Заев пред висок ѕид. По изјавата на опозицискиот лидер дека без договор за техничка влада, нема за што да се преговара, станува се потешко да се најде излез од кризата во која опозицијата ја внесе Македонија со одлуката за бојкот.
Ако власта смета дека може да победи на чесни избори, ова е шанса да го докаже тоа. Но, како што се сомневаме, затоа бегаат – рече Заев на трибината на опозицијата „Повторно освојување на слободата“.
Од ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираа коментирајќи дека целта на СДСМ е да нема преговори, односно да се креира политичка криза.
„Стратегијата да им се направи штета на државата и на граѓаните, за да се освои власта, повторно ќе биде поразена од народот и на наредните избори. Ова не е изненадување за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е СДСМ, тоа е Зоран Заев, тоа е Бранко Црвенковски, тоа е Радмила Шекеринска. Тоа е кодот, матрицата, политиката. Немање идеи за нормален натпревар и битка на нерегуларен начин да ја узурпираат власта, против волјата на мнозинството граѓани. Тоа е стратегија на луѓе неспособни за работа и за водење држава“ – реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потенцираа дека не планираат да преговараат за техничка влада бидејќи граѓаните им ја дале довербата пред помалку од 3 месеци и пред нив имаат обврска да ја релизираат ветената програма.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа