Бесплатно ќе ги гледаме бугарските телевизии
Македонската радиотелевизија и Бугарската национална телевизија денеска во Охрид ќе потпишат договор со кој ќе овозможат нивните програми да се емитуваат на териториите на двете држави.
Постигната е согласност и правото на реемитување на кабелските оператори да им биде отстапено бесплатно.
Договорите ќе ги потпишат генералните директори на МРТ, Марјан Цветковски и на БНТ, Вера Јанкова. БНТ ќе потпише и први договори со десетина македонски кабелски реемитувачи, со што ќе се овозможи сателитската програма на БНТ да биде ставена во нивната понуда.
Наскоро истата процедура ќе биде реализирана и во Софија со дел од кабелските оператори во Бугарија што ќе го добијат правото на преземање на сателитската програма на Македонската телевизија.
ДОговорот следува по првата неформална дебата на дваесетина афирмирани новинари и медиумски експерти од двете држави што во Скопје ја иницираше Македонско-Бугарската Стопанска Комора (МБСК). Во директната реализација на оваа идеја за јакнење на пријателските врски меѓу државите се вклучија и претседателите на советите за медиуми на Бугарија, Георги Лозанов и на Македонија, Зоран Трајчевски.
По потпишувањето на договорот меѓу БНТ и МРТ, ќе продолжи дијалогот околу можностите за зеднички телевизиски проекти на бугарскиот и македонскиот јавен сервис.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа