Груевски на средба со јапонскиот премиер
Премиерот Никола Груевски, во рамки на официјалната посета на Јапонија, денеска во Токио ќе се сретне со јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Шефот на Владата вчера на средбата со претседателот на бордот на директори на Јапан Реилвеј Ист компани Тацео Тамута договори соработка во областа на здравството и железничкиот сообраќај.
Во здравството договорено е македонски доктори и медицински персонал да престојуваат и да бидат обучувани во рамките на ЈРИ болницата, а лекари од ЈРИ болницата да престојуваат во Македонија и да пренесуваат знаења на своите македонски колеги за примена на напредни медицински методи.
На полето на соработката во сферата на железничкиот сообраќај е истакната можноста за јапонска помош во развој на железничкиот сообраќај во Македонија, со акцентирање на можноста за едукација на лица од нашите железнички претпријатија или институции, или пак ученици и студенти од областа на железничкиот сообраќај, во школата за железнички сообраќај на ЈРИ, која е најреномирана ваква школа во Јапонија.
- Оваа болница е напредна во многу области, но особено се истакнува во делот на ортопедската медицина и во делот на рехабилитација од повреди, а исто така и во делот на третман на канцер. Во краток период треба да ги договориме деталите во смисла на тоа кога ќе почнат да доаѓаат наши доктори и медицински персонал и точно во кои оддели ќе бидат прифатени и ќе бидат обучувани и за најнови достигнувања во областа на медицината. На средбата со претседателот на оваа компанија имавме разговор за многу можности за соработка, и соработката не само што ќе биде во делот на медицината туку ќе биде и во делот на обуки во делот на железнички транспорт, бидејќи се работи за една поголема компанија која што покрај болницата поседува и дел од железницата, изјави премиерот Груевски по средбата.
Претседателот на компанијата Тамута изразувајќи задоволство од можноста за остварување на соработка со Македонија, рече дека ова е почеток на една зголемена и продлабочена соработка помеѓу Јапонија и Македонија. - Се надеваме дека нашиот придонес може да и помогне на вашата земја во развој на економијата. Што се однесува до полето на медицината ова е шанса и можност што повеќе доктори и медицински персонал од вашата земја да не посетат и да бидат тренирани овде. Исто така, на полето на железницата, ако има нешто со кое што ние можеме да помогнеме во насока на развој и поддршка на вашата железница ние би сакале да помогнеме со задоволство, изјави Тамута.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа