Николовски: Исплатени субвенциите за тутун, 100 денари по килограм за прва класа


Денеска, на сметките на речиси 14.300 тутунопроизводители се исплатени субвенциите за реколтата од 2023 година во вредност од речиси една и пол милијарда денари. Исплатени се субвенциите за основната мерка од 80 денари и дополнителната мерка за оваа година од дополнителни 20 денари.

„Народски кажано, исплатени се субвенциите за договорен и предаден ориентиран ароматичен тутун, нашето жолто злато. Ова е најголемата исплата и најголема поддршка на тутунопроизводителите досега со рекордна субвенција. Ги повикувам земјоделците да ги проверат сметките и со здравје да си ги трошат парите, кои се чесно заработени, а еве и чесно им се исплатени на сите што ги исполнуваат условите, без никакви притисоци, списоци, партиски поделби, туку чесно и рамноправно со едно решение и една исплата во еден ден за сите тутунопроизводители“, рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Откупени се вкупно 14.763 тони тутун произведен во 2023 година. Министерот Николовски вели дека немало вишоци и немало неоткупен тутун.

„Она што особено ни значи на сите е тоа што заедно со земјоделците оваа година постигнавме највисока откупна цена досега. Тутунот од реколтата 2023 година има рекордна откупна цена од 365 денари за килограм за целокупната количина предаден тутун. Се исплатија субвенциите, кои се зголемени за дополнителни 20 денари за сите три класи. Со тоа зголемување тутунот од прва класа првпат досега достигна вредност на субвенција од 100 денари. До 2017 година субвенцијата беше 60 денари. Најголемата количина откупен тутун и оваа година е од прва класа. Тоа значи дека ако на откупната цена од 365 денари додадеме по 100 денари за килограм од субвенцијата, се достигнува вредност од 465 денари за килограм тутун. Ова се рекордни бројки и треба да бидат рекордни“, нагласи министерот Николовски.

Од тутунот државата годишно остварува девизен прилив од над 120 милиони евра, а овој сектор вработува или ангажира над 20.000 семејства. Првпат оваа година тутунопроизводителите ќе може да пријават површини и да добијат субвенција, освен за килограм, и за површина, а со тоа се стекнуваат и со правото да добијат и зелена нафта, 12.000 денари за хектар.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Никола Бачовски, извести дека од почетокот на годината досега на земјоделците им се исплатени над четири милијарди денари и најави дека нивните служби веќе ги прават потребните административни процедури и системски приспособувања за почеток на новата кампања за поднесување барања за финансиска поддршка за субвенции по програмата за 2024 година.

11.04.2024 - 13:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега