Николовски: Исплатени се 68,5 милиони денари поддршка за живинарството од Интервентниот фонд

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на Платежната аенција Никица Бачовски денеска ја посетија живинарската фарма „Шест Браќа“ во општина Студеничани.

Николовски и Бачовски беа во придружба на државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски.

-Одговорно носиме мерки за поддршка на секој земјоделец. Националниот план за производство на храна, кој го донесовме, содржи мерки за поддршка на живинарството. Донесовме нова интервентна субвенција од 60 денари по несилка која се наоѓа на одгледувалиштето и е на возраст за производство на конзумни јајца. За оваа мерка можеа да аплицираат одгледувачите на живина  за конзумни јајца запишани во Регистарот на одгледувалишта на животни. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој веќе ја исплати финансиската поддршка од интервентниот фонд за земјоделство предвидена за одгледување на кокошки – несилки. Исплатени се 68.5 милиони денари кон 49 корисници. Ја зголемивме и мерката за директни плаќања за амортизирани несилки заклани во регистрирани кланични капацитети од 80 на 125 денари по заклана несилка, изјави министерот Николовски.

Министерството, додаде, креираше повеќе мерки за поддршка на производството на стратешки култури. Преку јавен повик, на располагање се ставени дополнителни 5.722 хектара обработливо земјоделско земјиште од над три хектари, за обработка на стратешки култури, распределени во 14 региони низ државата.

Николовски потсети и дека јавниот повик за давање земјоделско земјиште под закуп над три хектари завршува денеска, а во најскоро време ќе биде објавен и нов јавен повик за нови површини кои ќе бидат ставени на располагање на земјоделците со цел секоја педа обработливо земјоделско земјиште да биде ставена во функција.

-Со мерките од интервентниот фонд земјоделците добиваат 4000 денари по хектар, дополнителна помош за набавка на вештачко ѓубриво за пченка и пченица, како и 2.500 денари по хектар за сочоглед и јачмен. Ги мотивираме земјоделците да го зголемат приносот, со дополнителни скоро 100 евра од хектар. Наша цел е преку овие мерки да овозможиме поголемо домашно производство на стратешки култури, а помала увозна зависност.  Токму затоа преку оваа теренска кампања ги презентираме мерките и ги повикуваме сите земјоделци максимално да ги искористат мерките кои ги имаат на располагање, рече Николовски.

Според него, во тек се и пет јавни повици од Програмата за рурален развој за 2022 година. Рокот за аплицирање е до 20 мај.

-Земјоделците можат да аплицираат на повикот за набавка на трактори преку кој обезбедуваме до 75 отсто кофинансирање на сумата за набавка, односно максимум 3.500.000 денари по корисник. Повикот за набавка на силоси до 25 тони со мал капацитет за сопствена употреба, каде исто така кофинансираме 75 отсто од сумата, односно 1.000.000 денари како максимален износ по корисник.  Во тек е повикот за доделување на грант од 6.000 евра за мерката „Рурална жена“, како и повиците за поддршка при изградба на мандри и повикот за набавка на опрема за производство на тутун, дополни министерот.

Тој денеска од фармата во Студеничани ги повика сите земјоделци активно да ги следат јавните повици и максимално да ги искористат можностите за поддршка.Живинарската фарма „Шест Браќа“  повеќе од 20 години е успешен семеен земјоделски бизнис во сопственост на семејството Суати. Одлегува 160.000 несилки и е еден од поголемите производители на конзумни јајца.

10.05.2022 - 12:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега