Николовски: Деновиве исплата на десет отсто отштета за овоштарите од Росоман

 

Во време на светска криза и затворени пазари, мобилизирани сме максимално за што повеќе пари да стигнат до земјоделците, до производителите, повеќе мерки и политики да бидат воведени, но секако и да се изнајдат алтернативни пазари. Затоа, исплатата на обесштетувањето на овоштарите беше приоритетна одлука на Владата, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанаство, Љупчо Николовски во Росоман.

Заедно со градоначалникот Стојан Николов, претставници на Министерството и институциите од земјоделскиот сектор, Николовски имаше средба со производителите на праски.

-Првата информација која од овде ја пренесуваме е одлуката на Владата на една од последните седници – да бидат обесштетени овоштарите, производителите на праски кои претрпеа сериозни штети во 2021 година. Сите елаборати на Општина Росоман се доставени до Владата, владината државна Комисија ги проследи и донесена е одлука за исплата на 10 проценти обесштетување. Министерството за финансии се очекува овие денови да ги префрли средствата на општината, а општината на земјоделските производители, информираше министерот.

Тој соопшти дека 729 земјоделски производители од Росоман кои имаат штети од измрзнувањето во 2021 година, ќе добијат околу 33 милиони денари или 550 илјади евра.

-Овие исплати ќе бидат веднаш, нема да се чека, парите се обезбедени во буџетот и секако ќе бидат од помош за новото земјоделско производство.   Покрај обесштетувањето за Росоман, во Владата е и обесштетувањето за сите пет општини каде што елаборатите се подготвени, тоа се Карбинци, Ранковце, Демир Капија и Богданци, вклучително со Росоман тоа се околу 450 милиони денари коишто ќе бидат исплатени за обесштетување во овој поглед, односно штетите се во износ од 450 милиони денари, а околу 45 милиони денари ќе бидат исплатени веднаш на сметките на земјоделците, нагласи Николовски

Ова е, рече, прва година во која се  воведуваат промени на субвенционирањето. Тоа ќе важи приоритетно за овоштарите кои ќе добијат 30 процентна авансна исплата покрај редовните субвенции.

– Верувам дека ова е дополнителна поддршка во делот на зголемувањето на приходите на земјоделците. Секако Владата и Министерството преземаат мерки, се со цел да бидат намалени или ублажени ценовните шокови, односно растот на репроматеријалите и на сето она што е потребно за земјоделското производство.  Затоа и Владата донесе посебна програма за Интервентен фонд, кадешто се  соодветни мерки. Оваа прилика во Росоман ја искористивме да разговараме за дополнителни мерки, идеи и предлози од страна на производителите на праска. Покрај за тоа, како да се најде пласман на овогодинешната праска преку поддршка на Владата, преку нови мерки, нови политики, оваа наша интенција повеќе пари кај земјоделците да продолжи и верувам дека со тоа ќе придонесеме што полесно да се надмине оваа кризна година, оваа криза којашто ја имаме, којашто не е само во нашата земја туку и во целиот регион, во Европа и во целиот свет, навистина со сите напори ќе креираме мерки, додаде Николовски.

24.03.2022 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега