Николоски на средба со ЗЕЛС: Започнуваме со изработка на нова унифицирана постапка за поставување на урбана опрема за сите општини

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шакири, денеска остварија работна средба со претставници на ЗЕЛС.
На средбата се разгледуваа можностите за воспоставување на законско доуредување на постапката за поставување на урбана опрема, односно можноста за изработка на нов Правилник со кој ќе се уредува постапката за поставување на урбаната опрема.
Имајќи предвид дека поставувањето на урбаната опрема со сегашните прописи не е унифицирана и секоја општина самостојно ја уредува оваа постапка, сега преку ново решение се очекува да се изготви единствена постапка за поставување на урбана опрема која ќе важи на целата територија на државата.
Работната група составена од претставници од Министерството за транспорт како и претставници од ЗЕЛС, во следниот период заеднички ќе работат на подготовка на прописите и во еден разумен рок се очекува да биде изготвен и нов Правилник за оваа намена.
“Владата и министерството за транспорт гледа на општините како рамноправен партнер во креирање на законски решенија посебно во делот на градењето и градежното земјиште. Ова е пример како полесно и во интерес на општеството ги решаваме сите предизвици кои се на товар на општините. Очекувам дека ќе најдеме заеднички интерес и ќе креираме постапки кои ќе бидат унифицирани за сите општини и на тој начин полесно да ја регулираме и оваа дејност”- истакна вицепремиерот Николоски по средбата.
10.04.2025 - 13:31
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа