Ни недостасуваат 52 екипи на Итната медицинска помош - нивниот број секоја година се намалува

 

На Македонија ѝ недостасуваат 52 екипи на Итната медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум што треба да ги има еден медицински центар, во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.

Истражувањето за капацитетите на Итната медицинска помош го правеше Центарот за граѓански комуникации.

Според истражувањето, најкритично е во Скопје каде недостасуваат 18 тимови.

-Најмногу тимови, 18 недостигаат во Скопје, додека Битола има 4 повеќе од минимум потребните. Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните. Во моментов во земјава вкупно има 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува, се наведува во истражувањето.

Во однос на 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.

Еден тим на итна помош некаде покрива 1.000, а во други градови и до 40.000 жители дневно. Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде еден тим „покрива“ дури по околу 40.000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на околу 30.000 жители дневно. Најдобро “покриени“ се жителите на малите центри како Вевчани, Пехчево и Ростуше каде еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно.

Во една смена на итната помош некаде има по 2, на други места по 50 интервенции. Не се води евиденција колку повици за барање на брза помош се добиваат, а на колку се оди, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

25.12.2023 - 10:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега