Ни казната од 500 евра не ги опаметува возачите - За овој прекршок ќе ви се испразни џебот

 

Македонската полиција секојдневно демне на патиштата, а со засилените контроли се фаќаат возачи кои не ги почитуваат правилата, возат без дозвола, зборуваат на мобилен, летаат со брзина поголема од дозволената, возат под дејство на алкохол, не носат појас или паркираат каде што сакаат.

Полициските билтени за жал секојдневно се полнат со вести за прегазени пешаци, а една од последните трагедии беше жената прегазена со дете на Партизанска. На булеварот Партизански одреди во Тафталиџе 2, на потегот меѓу мостот Обединети нации и Сити мол, на 25 март се случи страшна сообраќајна несреќа кога беа прегазени жена и дете на пешачки премин, кога возачот изгубил контрола и ги удрил пешаците кои се движеле на преминот. Жената била однесена со автомобил во тешка состојба, додека детето имало повреда на рбетот и поради сериозноста на повредата, било веднаш пренесено на понатамошно лекување.

За жал трагедиите се нижат иако казните се големи. Оние кои возат, а воопшто не положиле за возачка дозвола ќе платат 250 евра во денарска противвредност иако Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата вели дека „Со моторно возило или со возило на моторен погон во сообраќајот на патот самостојно може да управува само лице кое има важечка возачка дозвола издадена во Република Македонија, странска возачка дозвола или меѓународна возачка дозвола, во која е впишана категоријата во која припаѓа моторното возило.“

Оние возачи кои имаат но не ја носат возачката, ќе платат глоба од 100 евра во денарска противвредност.

Доколку пак, поради претходен прекршок возачката дозвола му е одземена на возачот, а тој сепак е сопрен од полицаец додека вози, „во член 342 од истиот закон е регулирано управувањето на возило за време на запишана прекршочна снакција забрана за управување со моторно возило, се вели дека возачот „не смее во сообраќајот на пат да управува со моторно возило за време на траењето на забраната, односно за времето за кое возачката дозвола му е одземена’. Предвидена глоба за учесниците во сообраќајот кои управуваат моторни возила за време на запишана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило и тоа, „глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член“.

И покрај големите казни, сепак на дел од возачите во земјава не им доаѓа памет. На Партизанска на крајот на јануари беше прегазена и младата модна дизајнерка Фросина Кулакова која поминувала на пешачки премин кај Силбо. Оваа трагедија ја крена цела Македонија на нозе, а семејството кажа дека нема да запре додека не добие правда. Возачот Васил ја прегазил Фросина со својот автомобил, кој го возел без дозвола, и со многу голема брзина.

26.03.2025 - 09:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега