Научни извештаи: Нови докази покажуваат дека короната се проширила од пазарот
Податоците од раните денови на пандемијата на Ковид-19, кои кинеските научници накусо ги објавија во глобалната база на податоци, обезбедуваат клучни докази за потеклото на пандемијата, вклучително и оние од пазарот за животни во кинескиот град Вухан, објавија научниците. Вирусот првпат беше идентификуван во Вухан во декември 2019 година, а многумина се сомневаа дека пристигнал од пазарот на животни Хуанан пред да се прошири во целиот свет и да убие речиси 7 милиони луѓе, напиша „Ројтерс“ во вторникот.
Научниците објавија прелиминарен извештај врз основа на своето толкување на податоците по обелоденувањето во медиумите минатата недела и одржаа состанок со Светската здравствена организација, која ја повика Кина да објави повеќе информации.
Податоците од кинескиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ) повеќе не се достапни во базата на податоци GISAID, каде што научниците ги пронајдоа. Податоците содржеа нови секвенции на вирусот САРС-КоВ-2 и дополнителни геномски податоци засновани на примероци земени од пазарот на живи животни во Вухан во 2020 година, напишаа научниците што пристапија до него.
Секвенционирањето покажа дека животните подложни на коронавирус биле присутни на пазарот и можеби биле заразени, што е нова трага за откривање на синџирот на пренос, кој на крајот стигнал до луѓето, велат научниците.
„Доказите го идентификуваат пазарот Хуанан како место на ширење на Сарс-КоВ-2 и епицентар на пандемијата на Ковид-19“, се вели во извештајот напишан од Мајкл Вороби од Универзитетот во Аризона, Кристијан Андерсен – од калифорнискиот истражувачки институт „Скрипс“, меѓу другите, и Флоренс Дебар од париската „Сорбона“.
Извештајот дава повеќе детали за другите животни присутни на пазарот во споредба со информациите обелоденети минатата недела и покажува дека некои од примероците што биле позитивни на САРС-КоВ-2 имале повеќе животински отколку човечки генетски материјал во нив.
Претставниците на СЗО минатата недела рекоа дека информацијата не е конечна, но дека претставува нова трага во истрагата за потеклото на коронавирусот и дека треба веднаш да се сподели.
Агенцијата на Обединетите нации претходно соопшти дека сите хипотези за потеклото на коронавирусот остануваат на маса, вклучително и дека вирусот се појавил од лабораторија во Вухан, која ги проучува опасните патогени.
Кина ја негира таа теорија.
Од СЗО исто така велат дека повеќето докази укажуваат на тоа дека вирусот доаѓа од животни, можеби лилјаци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа