Народна банка: Основната каматна стапка и каматните стапки на расположливите депозити се покачени за 0,25 процентни поени

 

На 20 јуни 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 п.п. до нивото од 6%. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90% и 3,95%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на  каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.

Поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се главно во согласност со очекувањата, но ризиците и натаму постојат. Од тие причини е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Имено, во согласност со очекувањата, во мај 2023 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува, а забавување бележи и базичната инфлација, којашто во мај се сведе на едноцифрено ниво. Сепак, инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек, а базичната инфлација којашто сѐ уште е висока упатува на тоа дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите се засилуваат во надолна насока, но и натаму се проследени со  неизвесност. На девизниот пазар движењата се поволни, а растат и приливите на менувачкиот пазар. Во такви околности, Народната банка е присутна на девизниот пазар со откуп на вишокот девизна ликвидност. 

За стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа, водечките централни банки продолжуваат со затегнување на монетарната политика, но интензитетот е поумерен. Имено, од аспект на странската каматна стапка, на состанокот во јуни, ЕЦБ донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки за дополнителни 0,25 п.п., во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво подолг период од очекуваниот. 

Во однос на најновите показатели, кај домашните цени, во мај 2023 година годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 11,3% (13% во претходниот месец), во согласност со оцените за забавување на стапката на инфлација во рамките на априлскиот циклус проекции. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај сите три компоненти. Ревизиите во однос на очекуваните движења кај надворешните влезни претпоставки за проекцијата на инфлацијата се главно во надолна насока. Сепак, и натаму е нагласена високата неизвесност во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, при неизвесни економски ефекти од војната во Украина. 

Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на мај е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на мај беа поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, движењата и натаму се поволни, односно трговскиот дефицит засега е понизок од очекувањата за вториот квартал од 2023 година според априлската проекција. Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, коишто од почетокот на годината, заклучно со мај, упатуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи кај приватните трансфери во однос на проектираните. 

Што се однесува до домашната економска активност, во првиот квартал од 2023 година реалниот раст на БДП забрза достигнувајќи 2,1% на годишна основа (по растот од 0,6% во претходниот квартал), малку посилно во однос на проектираното забрзување на растот за овој квартал од априлскиот циклус проекции. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за април покажуваат умерени негативни движења кај индустриското производство, наспроти минималниот раст во претходниот квартал, како и реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по растот во претходниот квартал. 

Во однос на монетарните движења, првичните податоци за мај 2023 година засега се во согласност со проекциите за забрзан раст кај депозитите, а поумерен кај кредитите во вториот квартал од годината.

Општо земено, инфлациските остварувања, во комбинација со неизвесното и променливо надворешно окружување и ризиците коишто сѐ уште постојат, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на подолготрајна основа. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.

21.06.2023 - 11:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега