Народна Банка: Макроекономската стабилност во земјава е зачувана и покрај најновите глобални случувања
Макроекономската стабилност во земјава е зачувана и покрај последните случувања во Украина, кои значително го менуваат глобалниот економски контекст. Денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен, за што гарантира богатиот монетарен инструментариум на Народната банка (НБ), а пред се високото ниво на девизни резерви.
Ова, како што информираат од НБ, беше истакнато на средбата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска со Анди Аранитаси, претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава на кој учествуваа и регионалната главна економистка на ЕБОР Ана Крешиќ и економската аналитичарка Оља Белиќ.
-Од страна на претставниците на ЕБОР беа поздравени политиките кои ги спроведува Народната банка и беа оценети како соодветни на тековната ситуација во функција на одржување на макроекономската стабилност, соопшти НБ.
На состанокот, се вели во соопштението, беше дискутирано за макроекономската состојба во македонската економија по здравствената криза и мерките коишто беа преземени заради надминување на негативните ефекти. Притоа, беше посочено дека Народната банка овозможи соодветна поддршка на економската активност преку монетарните мерки, како и со прудентните мерки коишто овозможија солидна кредитна поддршка во текот на целиот период, a истовремено беше овозможено одржување и на стабилноста на банкарскиот систем.
-Kризата во Украина значајно го менува макроекономскиот контекст и во глобални и во домашни рамки. Таа значи надолен ризик за економскиот раст, а нагорен ризик за инфлацијата. Во услови на висока неизвесност, Народната банка внимателно ги следи информациите и движењата во економијата. Од страна на гувернерката на Народната банка, беше посочено дека и покрај добрата кондиција на девизните резерви и историски високата ликвидност на банките, на располагање се и дополнителни заштитни механизми со кои се гарантира макроекономската стабилност, посочуваат од НБ.
Како најсвеж пример, додаваат, Ангеловска-Бежоска го посочи продолжувањето на пристапот за Народната банка од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) до репо-линијата од 400 милиони евра, со која се обезбедува пристап до дополнителна девизна ликвидност доколку е потребно. Оваа линија досега не беше искористена. Имено ЕЦБ, во понеделникот оваа недела, за речиси една година ја продолжи важноста на репо-линијата за нашата централна банка.
И од двете страни беше истакнато дека паралелно со преземањето на мерки и политики во контекст на тековните негативни движења, земјата треба да продолжи да работи на реформите со кои на долг рок ќе се зголеми продуктивноста и потенцијалот за раст на економијата. Беше посочено дека фокусот е потребно да се стави на дигитализацијата и иновативноста, со цел искористување на компаративните предностите кои ги носи модерната технологија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа