Напаѓачот на Ружди: Прочитав неколку страници од неговиот роман во кој го нападна исламот

 

Хади Матар – напаѓачот на познатиот писател Салман Ружди рече дека го почитува ајатолахот Хомеини, но не сакаше да каже дали нападот бил инспириран од фатвата што поранешниот ирански врховен лидер ја издаде против писателот.

Во интервју за американски „Њујорк пост“, објавено денеска, тој изјави дека „прочитал неколку страници“ од романот на Ружди – „Сатански стихови“ и дека идејата за нападот ја добил откако на Твитер видел дека писателот ќе биде гостин во Chautauqua во Њујорк.

Токму поради таа книга Хомеини издаде фатва во 1988 година и ги повика муслиманите да го убијат Ружди. Техеран понуди награда од 3 милиони долари за тоа.

Ружди минатиот петок требаше да одржи предавање во Чаутауква за уметничката слобода, но 24-годишниот Матар го нападна со нож. Иако состојбата на 75-годишниот писател роден во Индија и понатаму е критична, тој бил изваден од машината и почнал да зборува.

„Го почитувам ајатолахот. Мислам дека тој е одлична личност. Ќе кажам само толку за тоа“ вели Матар.

„Не ми се допаѓа толку многу. Тој е некој што го нападна исламот, ги нападна неговите верувања и религиозниот систем“ – нагласи напаѓачот за Ружди додавајќи дека гледал видеа од него.

Инаку. семејството на Матар дошло во САД од Либан, најпрво се населило во Калифорнија, пред неговите родители да се разведат. Таткото се вратил во Либан, а мајката се преселила во Њу Џерси, пишува „Њујорк Тајмс“.

Мајката на Матар изјави дека тој се вратил од патувањето на Блискиот Исток во 2018 година како променет човек и дека станал поповлечен и попосветен на исламот. По нападот на Ружди, мајката се одрече од својот син и рече дека не разговарала со него од инцидентот.

17.08.2022 - 21:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега