НАкС препорачува да се укинат стипендиите за студентите од Македонија кои сакаат да студираат во странство

Дa се укинат стипендиите за студенти од Македонија кои запишуваат студии во странство, освен за дефицитирани кадри кои ќе бидат прецизно регулирани со правилник, препорачуваат од НАКС во анализа во однос на исплатливоста на стипендирање на студенти на прв, втор и трет циклус студии во странство. Според нивните пресметки, МОН од 2010 година одвоил 8,5 милиони евра за овие потреби, пренесе Сител ТВ. 

„Голем дел од студентите останувале да работат во странство“, но професорите овој факт го базираат само врз основа на истражување кое го спровеле на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Линкдин. Истражувањето покажало дека од вкупно 61 стипендист на МОН на прв циклус студии, 41 од студентите се вработиле во странство, а само 11 на работни позиции во државата. 

„Во последно време нема некој од политичарите кај нас, да не кажувал, да не ја истакнувал штетноста од последиците од одливот на младите од државата, тн. брејн дрејн (анг. brain drain). Кое како чума се надвисна над Македонија“, изјави проф. д-р Виктор Стефов, УКИМ.

Професорката Мирјана Најчевска во презентираните заклучоци кажа дека материјата за добивање на стипендии во странство не била докрај и соодветно регулирана со законот за студенски стандард, а воопшто не била ни предмет на регулирање во законот за високо образование

Од МОН за Сител велат за овие ступендии исплаќаат најмногу до 40.000 американски долари за покривање на уписнината на годишно ниво, а дополнително ги покривале и трошоците за живот, сместување и превоз. 

До минатата академска година бројот на стипендии што може да се доделат бил неограничен. Оваа година во конкурсот биле предвидени 10 стипендии за додипломски и 5 за постдипломски студии. 

„По завршувањето на студиите, кандидатите согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата имаат обврска да се вратат во Република Северна Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање. Нема случај на студент кој не ги исполнил своите обврски и вратил десеткратно поголем износ од доделениот“, велат од МОН за Сител.

Од НАКС дополнително препорачуваат кредитирање наместо стипендирање на студенти, а парите да се наменат за студентите во државата или во домашни научноистражувачки проекти.

07.11.2023 - 21:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега