Најмалку 11 загинати, над 50 повредени во сообраќајна несреќа во Турција
Загинаа 11 лица, а повеќе од 50 се повредени денеска во сообраќајна несреќа во северозападна Турција, јавија локалните медиуми.
Во верижниот судир учествувале седум возила, меѓу кои три автобуси и камион на автопатот Северna Мармара во близина на населбата Дагдиби во провинцијата Сакарија, јави новинската агенција „Анадолу“.
Причината за несреќата се уште не е утврдена, наведува турската агенција.
Медиумите јавуваат дека областа е покриена со густа магла и дека видливоста е слаба.
Гувернерот на Сакарија, Јашар Карадениз за локалните медиуми изјави дека 57 лица се повредени и пренесени во болница, а седуммина се во тешка состојба.
„Според првите сознанија, најголем број смртни случаи во несреќата предизвикал третиот автобус кој удрил во патниците кои излегле од возилото. Полицијата е на лице место и истрагата е во тек“, изјави Карадениз, пренесува „Хабертурк“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа