Надлежните смируваат: Раст на цените ќе има ама нема да биде толку страшно
Откако пред два дена Стопанската комора најави драстичен раст на цените на храната, денеска ретерира.
По вчерашната средба со вицепремиерот Битиќи, испратија соопштение со наслов: „Не се очекуваат ценовни шокови, се следат светските економски движења и навремено се реагира.“
На средбата се согласиле дека соработката е на високо ниво и дека заедно будно ќе ја следат состојбата. Бизнисмените укажале за растот на берзанските цени, Битиќи пак ги информирал дека се следат економските движења и инфлацијата е во рамки на очекуваното. Се прават анализи од кои можно е да произлезат автономни или системски мерки кои би одговориле на предизвиците...
И од Нардоната банка оценија дека состојбата со цените не е алармантна. Цените ќе растат и во наредниот период, нагорна корекција на стапката за инфлација ќе има, но најава за мерки нема.
„Според досега расположливите информации, иако се очекува нагорна ревизија на предвидената стапка на инфлацијата за земјава, сепак, мора да се напомене дека не станува збор за ценовен раст којшто е алармантен.“ велат од НБ.
Алармот за ценовен шок се вклучи најмногу поради енергетската криза која ја зафати Европа. Државата ќе го активира третиот блок на РЕК Битола и ќе купува јаглен со цел да им излезе во пресрет на компаниите да имаат помали трошоци за струја. Од стопанската комора ја поздравија одлуката. Вчера попладне Азески остварил средба со премиерот Заев и претседателот на РКЕ, Бислимовски. Заклучиле дека:...
„Стопанската комора на Македонија да го сублимира мислењето на компаниите, Регулаторната комисија за енергетика во рамки на своите надлежности најенергично да ги санкционира сите снабдувачи кои неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите и Владата на Република Македонија, која мора да изнајде начин да им помогне на компаниите во рамките на можностите...“ пишува во заедничкото соопштение по средбата.
А, како земјава ќе се справува со кризата дополнително ќе дискутираат в петок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа