Нацевска: Денарот е стабилен, инфлацијата умерена
Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а подгревање на инфлациските движења не е потребно, порача денеска вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска.
-Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8 отсто, во однос на очекувањата за раст од 2,2 отсто за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред се, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата. Со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци, посочи вицегувернерката Нацевска во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“.
Како што нагласи, проценките на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и на други меѓународни организации, коишто ги следат овие движења, се дека оваа состојба е од привремен карактер, а очекувањата се дека таа ќе се надмине во текот на идната, 2022 година.
-Ние сме земја којашто енергетски и суровински е зависна од увозот и движењата на светските берзи се одразуваат и на домашните цени, пред се на цените на храната и други производи. Оттаму доаѓа овој ценовен раст, рече Нацевска.
Сепак, истакна дека дополнителните инфлациски подгревања и нивното, како што рече, неосновано вградување во цените од страна на домашните економски субјекти може да доведе до раст на инфлацијата, што не е потребно, ниту, пак, е засновано на објективни економски параметри.
-Простор за паника од инфлација нема, но треба да се однесуваме одговорно и не треба неосновано да се создаваат ценовни притисоци онаму каде што нема потреба, бидејќи тоа ќе се одрази на целата економијата. Подгревањето на инфлациските очекувања е нешто што може да доведе до раст на цените. Во вакво сценарио, централната банка реагира преку монетарната политика, вклучително и со раст на каматната стапка, што сепак не е пожелно во услови кога нема не рамнотежи, а на економијата се уште и е потребна поддршка за закрепнување од пандемијата, посочи Нацевска.
Кондицијата и подготвеноста на Народната банка, нагласи, го потврдуваат капацитетот за остварување на основните цели, а потврда за тоа е и макроекономската стабилност одржувана без прекин во изминатите 26 години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа