На владејачкото мнозинство му недостасуваат пратеници во сала за гласање на новите министри – Собранието повторно на пауза од еден час
По паузата од два часа продолжи расправата за избор на новите министри во Владата. На собраниската говорница излезе само пратеникот од Левица, Димитар Апасиев. Но бидејќи на владејачкото мнозинство му недостасуваа пратеници во салата за гласање на новите министри во владата, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски повторно побара пауза од еден час.
-Никогаш во собраниската историја не се случило 10 дена да се расправа за разрешување и за избор на министри, рече Митревски, додавајќи дека опозициските пратници во изминатите денови зборувале за сѐ освен за тоа што е точка на дневен ред.
Според Митревски, опозиционерите правеле „евтини финти“.
-Гледам дека сега пак ви е целта да продолжите со истиот начин со изборот на заменици министри. Очигледно, присуството во волкав број е само со таа цел. Бидејќи, неколку пати во овие 10 дена ве повикав на разум не заради нас, заради функционирање на државата, заради граѓаните, еве пак, повикувам на разум. Повикувам на разум, еден час да размислите дали на ист начин ќе продолжите, рече Митревски, по што опозициските пратеници почнаа да аплаудираат во салата.
-Барам еден час пауза, мислам дека ќе донесат правилна одлука, кажа Митревски пред да ја напушти собраниската говорница.
Собранискиот спикер, Талат Џафери објави пауза и продолжението го закажа за во 23 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа