МВР со детали: Тинејџерите се повредиле кршејќи го инвентарот

По Јавното обвинителство и МВР со детали за случајот со четворицата малолетници кои со возила на Итната медицинска помош биле однесени на лекување на Клиниката за токсикологија во полусвесна состојба.

По увидот кој го извршиле полицијата, јавен обвинител и доктори од Судска медицина, полициски службеници извршиле разговор со малолетниците на возраст од 15 до 17 години. Според нивните искази, тие во куќата во Козле, на патот кон Пантелејмон, пристигнале во средата вечерта. Во куќата, сопственост на 40-годишниот Д.Ѓ., понекогаш престојувало едно од тинејџерите. Мажот бил во пријателска врска со роднина на тинејџерот.

-Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале, и при тоа се здобиле со повреди. Д.Ѓ.  е лишен од слобода и со него е извршен разговор во кој ги потврди исказите од малолетните лица, велат од МВР.

До јавното обвинителство поднесени се кривични пријави за две дела.

-Од страна на полициски службеници од Единица за насилен криминал - Одделение за крвни и сексуални деликти до ОЈО Скопје, против Д.Ѓ.  е поднесена кривична пријава во брза постапка, за  кривично дело „тешки дела против здравјето на  луѓето“ по чл.217 ст.1, а во врска со кривично дело "производство и пуштање во промет средства за лекување“ предвидено и казниво по член 212 ст.1 од КЗ. Д.Ѓ. (1984) е изведен пред Судија на претходна постапка, велат од МВР.

Претходно, Јавното обвинителство соопшти им дал три различни видови на медикаменти, „дијазепам“, „тергатол“ и „запира“. 

Според регистарот на Министерството за здравство, лекот „тергатол“ се користи за возрасни пациенти со епилепсија, а лекот „запира“ за големи депресивни епизоди, панични раствојства, социјално анксиозно раствојство и други болести.

-Тој заедно со децата почнал да конзумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови “тергатол 200 мг”, “запира 10 мг” и “дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение. Им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето. Следниот ден попладнето полициски службеници ги пронашле оштетените деца во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта. Осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош, велат од Јавното обвинителство.

 

13.07.2024 - 19:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега