Муцунски во Австралија: Заемна заложба за интензивирање на соработката

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Австралија, присуствуваше и се обрати на настанот со кој беше одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и Австралија, информираат од Министерството.

На настанот обраќања имале и Ана Али, министер за локална самоуправа и млади на Западна Австралија и Касандра Фернандо, пратеник во австралискиот Парламент.

Во обраќањето пред претставниците на македонската заедница, истакнати стопанственици, министри од федералната и регионалната влада, пратеници и претставници на дипломатскиот кор, министерот Муцунски ги истакнал позитивните впечатоци од посетата и изразил задоволство од одличните билатерални односи, изградени во изминатите три децении.

Министерот Муцунски нагласил дека оваа прва посета на високо политичко ниво по 15 години претставува силна потврда за заемната заложба за интензивирање на политичката, економската, културната и севкупната соработка од заемен интерес. Иако досегашната соработка опфати многу општествени сегменти, тој посочил дека пред двете земји стои голем потенцијал кој допрва треба да се искористи.

Особен акцент бил ставен на улогата на македонската дијаспора во Австралија, која, како што рекол, претставува силен мост меѓу двете земји, поттикнувајќи културни и економски врски. Министерот Муцунски ја истакнал и важноста на дијаспората како двигател на билатералната соработка и фактор што придонесува кон континуирано јакнење на пријателските односи помеѓу Северна Македонија и Австралија. 

14.02.2025 - 11:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега