Муцунски и Касами не исклучуваат меѓусебна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и Беса
Ниту Касами, ниту Муцунски не исклучуваат меѓусебна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА. Потпретседателот на најголемата опозициска партија, Тимчо Муцунски во гостувањето на Сител рече дека ВМРО-ДПМНЕ би можела да го поддржи движењето БЕСА во најавите за протести како форма на притисок врз власта за предвремени парламентарни избори.
- Подржуваме окрупнување на опозицискиот фронт - дали е тоа Беса, дали е тоа друг политички субјект со кој што веруваме дека можеме понатаму да ја движиме Македонија во правилна насока врз основа на политики, а не на тесни интереси како што прави оваа влада на ДУИ, поддржана од СДСМ. Треба да превземеме се што е возможно заеднички врз основа на принципи, зошто да не - вклучително и вакви мерки како протести, зошто тоа е во интерес на јавноста, рече градоначалникот на Аеродром вечерва.
Според Муцунски, ВМРО-ДПМНЕ под овие услови не прифаќа да се разговара за уставните измени со кои Бугарите ќе се вметнат во Уставот. Вели дека за такво нешто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат.
Лидерот на БЕСА, Билал Касами, денеска најави дека ако до пролет не се одржат предвремени парламентрани избори, неговата партија ќе ги радикализира чекорите за притисок врз власта преку протести.
– Ќе се разгледа можноста од пролет, ако власта нема слух за проблемите и да излезе да се соочи со граѓаните на предвремени избори, заедно со другиот дел од албанската опозиција, во делот на организирање на протести и секаков вид на притисок врз власта за да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на предвремени избори, рече градоначалникот на Тетово, при тоа не исклучувајќи ја можноста за соработка и со ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа