МОН: Се подготвува првата нацрт-верзија на новиот Закон за учебници

 

„Во моментов се изготвува првата нацрт верзија на новиот Закон за учебници во основното и средното образование на којашто работи група составена од претставници на повеќе институции и чинители на воспитно – образовниот процес.“-известуваат од МОН.

-Ова е иницијатива на Министерството за образование и наука и Педагошката служба, со единствена цел да се унапреди квалитетот на содржината на учебници, да се намали веројатноста за појава на грешки од различна природа во содржината и во исто време да се поедностави процесот на набавка и навремена испорака до училиштата.

Потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно – образовниот процес во државата е повеќе од очигледна поради неопходноста од поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција, односно поголем број автори со свои ракописи, како и рецензенти за одобрување на ракописите да се пријавуваат на јавните огласи. - велат во соопштението.

„Во новото законско решение ќе бидат интегрирани сите конструктивни предлози што од јануари пристигнаа на адреса на МОН, кога беше повикана јавноста да даде забелешки и сугестии на постојното законско решение што е основа за изработка на ново подобро решение.

Јавната дебата ќе продолжи со проследување на нацрт законското решение до Владата, од каде ќе биде објавено на ЕНЕР системот, а потоа и проследено до Собранието на финална дискусија и конечно усвојување.“- стои во соопштението на МОН.

 

09.03.2023 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега