Мојсова-Чепишевска: Во Солун денеска се зборува на македонски за нашиот јазик и за македонистички теми
Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, којашто е една од учесниците на овој настан, на социјалните мрежи нашиша дека за прв пат, официјално и на толку високо ниво, научници и истражувачи од двете земји ќе говорат на македонистички теми.
За македонскиот книжевен XX век, за Рацин и 85-годишнината од БЕЛИ МУГРИ, за зборот на Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ, предавања и пригодна реч ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Според Мојсова-Чепишевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје гради нови мостови и пријателства меѓу македонската и грчката академска заедница.
Деканот на Филолошкиот факултет, професор Владимир Мартиновски за МИА вели дека меѓусебното запознавање на академските заедници и студентите преку вакви соработки несомнено ќе придонесат и во развојот на добрососедските односи.
-Научната конференција на Универзитетот Македонија во Солун е одлична можност да ја поттикнеме, зајакнеме и развиеме академската соработка во доменот на филолошките науки и хуманистиката. Меѓусебното запознавање преку проучувањето на јазиците, литературите и културите, поттикнувањето на мобилноста на студентите и на наставниот кадар, долгорочното вложување во едукацијата и усовршувањето на книжевните преведувачи несомнено ќе придонесат и во развојот на добрососедските односи, истакна професор Мартиновски.
Професорката Александра Јоаниду за МИА посочува дека настанот „има за цел да ја зацврсти долго планираната соработка помеѓу Универзитетот во Скопје и Универзитетот Македонија“.
-Официјалното признавање на македонскиот јазик со Договорот од Преспа требаше да се спроведе и во академската средина за конечно да започне плодна размена на идеи, култура, знаење и соработки на академско ниво. Овој настан го сметам за многу важен настан кој сигнализира не само желба и расположение да се променат кон подобро односите меѓу нашите два народа, туку и трансформација на теоријата во пракса, нагчаси професорката Јоаниду за МИА.
Според официјалната програма на научната конференција, освен професорите Јоаниду и Мартиновски ќе учествуваат и професорките Румена Бужаровска, Весна Мојсова-Чепишевска и Елени Сидери, професорот Јоанис Манос, асистентката Елена Ѓорѓиовска, д-р Кица Колбе, д-р Евангелос Киријаку, Марија Думпа и Фотис Сионис.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа