Митрески за ВИП-третманот на новинарите од Косово и од Албанија: Галеријата ја отворив за сите, без ограничувања

По ВИП-третманот на новинарите од Косово и од Албанија кои добија и отпоздравување со кандидати за министри на денот на изборот на техничката влада, собранискиот спикер, Јован Митревски уверува дека немало привилегирани новинари тој ден.

Митревски како претседател на Собранието претседаваше со седницата на 28 јануари. Тврди дека дал налог галеријата да се отвори еднакво за сите новинари бидејќи немало најавено присуство на диплматски претставници и членови на Кабинетот на претседателот на државата.

Митревски вели дека не знае во каква улога беа дојдени гостите од Косово и Албанија, кои ја засилуваа еуфоријата на ДУИ за избор на Талат Џафери за технички премиер.

-Јас не знам која била нивната улога, како што информиравме претходно, имаше и реакција од Здружението на новинари на Македонија и со допис од Кабинетот одговоривме на тоа. Сѐ што може да биде присутно во галеријата е новинари што имаат соодветни акредитации. Такви акредитации имаа сите присутни во галеријата на Собранието, вели Митревски.

Пред почетокот на седницата бил известен од службите дека има голема заинтересираност.

-Прашав дали се присутни од кабинетот на претседателот, коишто исто така имаат свој простор во галеријата. Кога добив информации дека нема други гости, дадов налог да се отвори целосно галеријата за да се обезбеди присуство на сите новинари, уредници, камермани, за следење на седницата. Фактички, такви случаи сме имале претходно за седници кои будат голем интерес кај јавноста. Имало случај за присуство на странски медиуми кога се гласало отворањето на Уставот, поврзано со Преспанскиот договор, кога се гласале заклучоците по францускиот предлог, претежно кога се избираат нови влади, така што, таа беше мојата одлука што ја донесов, за да се обезбедат услови за сите уредници, новинари, камермани, да може да имаат соодветни услови да пренесуваат тоа што се случува, кажа Митрески.

05.02.2024 - 23:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега