Мисајловски: Во овој момент не ја разгледуваме идејата за враќање на задолжителниот воен рок

 


Идејата за враќање на задолжителниот воен рок е одлична за размислување, но во овој момент тоа не го разгледуваме како Влада, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски, посочувајќи дека треба да се разгледаат сите безбедносни предизвици и да се направи посебна анализа од Генералштабот, па потоа да се размислува за вакво прашање.

Прашан дали можеби се размислува за враќање на задолжителен воен рок, по примерот на некои земји од соседството, Мисајловски рече, дека ако се прашува тој лично „секој млад човек треба да помине еден дел од животот на овој начин“ но, дека треба да се гледаат и реалните состојби. 

- Знаете дека многу касарни порано биле дадени на општините и дел од имотот исто така е даден. Но, од друга страна треба да се разгледаат сите безбедносни предизвици, посебна анализа да се направи од сите безбедносни структури, посебно од ГШ, па потоа да се размислува за вакво прашање. И затоа пред да влеземе во ваква идеја треба да ги видиме сите можности и предизвици со коишто би се соочиле и потоа да дискутираме за ваква работа. Но, лично мене ако ме прашувате се разбира дека е убаво и за младиот дух и за секој еден човек бидејќи навистина на тој начин се идентификувате и како постабилна личност. Навистина е тоа одлично за размислување, но во овој момент тоа не го разгледуваме како Влада, изјави Мисајловски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски, со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, американската амбасадорка Анџела Агелер и генералите во Армијата, присуствуваа на методско-показна вежба на Армискиот полигон „Криволак“. 

04.10.2024 - 14:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега