Министерот Николовски учествуваше во акцијата „Ајде да пошумуваме заедно“ кај месноста Будинарски Рид
Кај месноста Будинарски рид во Беровското село Будинарци денеска во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски продолжи големата акција „Ајде да пошумуваме заедно“ која има за цел пошумување 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ државата. Акцијата, која започна овој месец, како што истакна министерот Николовски, ќе трае се до 31 март 2024 година и опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрес, јасен, костен и ела.
-Првиот дел од голема акција за пошумување се реализира во ноември и декември, преку програмата за проширена репродукција, а започна на 10 ноември во Делчево со пошумување на локацијата Стар Истевник. Деновиве продолжи тука во Беровско, а веќе на 26 и 27 ноември продолжува во Куманово на локацијата Кокино и во Велес на локацијата Новачани. На овие локации заедно со нашите партнери во оваа акција пошумуваме површина од 241 хектар, со засадување на над 580.000 различни садници. Шумите се нашите бели дробови, наше природно и национално богатство, кон кое сите ние треба одговорно да се однесуваме и да ги чуваме, рече Николовски.
Задача на Министерството, но и на граѓаните, како што додаде, е редовната грижа и чувањето на шумските убавини, преку редовно обновување со нови садници. Нагласи дека го радува фактот што многу општествено одговорни компании и граѓански организации се приклучија кон оваа акција за пошумување, но и преку сопствени иницијативи, во соработка со Министерството, организираат акции за пошумување и збогатување на шумскиот фонд.
-Токму во овие два месеца на овие локации во акцијата за пошумување активно се приклучија учениците од средните училишта „Раде Јовчевски - Корчагин“ и „Орце Николов“, потоа Сојузот на извидници на Македонија, здружението Менендмаунтаин, општествено одговорните компании Телеком, ДМ Дрогерии, Халк банка, КБ Пензиско друштво, кои покрај со своето учество во оваа акција донираа садници и опрема, додаде Николовски.
Зелената транзиција, како што посочи, е еден од петте клучно поставени приоритети за работа на министерството, а пошумувањето е една од целите за успешно реализирање на зелените принципи. Со програмите за проширена репродукција на шумите за 2021, 2022 и оваа 2023 година, Министерството има предвидено средства за финансирање по мерката за пошумување на голини и ерозивни земјишта во приватна сопственост, на вкупна површина од 20 хектари, за секоја година пооделно.
-Веќе за наредната 2024 година преку оваа програма за оваа мерка предвидуваме средства за пошумување на површина од 50 хектари, со тенденција во наредните години за зголемување на површините за пошумување на голини и ерозивни земјишта во приватна сопственост. Преку оваа мерка од програмата за проширена репродукција на шумите за оваа 2023 година, Министерството има склучено договори со повеќе сопственици на приватни шуми и тоа во Беровскиот, Радовишкиот и Валандовскиот регион, додаде Николовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа