Минчев нема намера да провоцира со балансерот: Се надевам дека колегите од ВЛЕН ќе се вразумат и ќе ги прочитаат постојните закони

 

Новиот балансер не е провокација за коалиционите партнери во Владата туку едноставно почитување на постојните закони. Вака денес министерот за јавна администрација Горан Минчев одговори на забелешките од ВЛЕН дека новиот балансер за вработување во јавната администрација, кој се прави исклучиво според попишаното резидентното население, е провокација за Албанците оти се намалува нивниот процент. За министерот баланесрот е затворена тема и тој веќе се применува.

„Најмалку имам намера да провоцирам еден од нашите коалициони партнери. Исклучиво спроведуваме закони, а еден од принципите на кои е склучена оваа коалиција е и почитување на законите. Јас само спроведувам закони. Во Законот за вработени за јавниот сектор децидно пишува дека алатката балансер се применува исклучиво за граѓаните кои живеат на територија на Република Македонија, а тоа е резидентното население согласно податоците од последниот попис. Јас се надевам дека колегите од ВЛЕН ќе се вразумат, ќе потрошат повеќе внимание на читање на постојните закони и ќе се посветат на спроведување на овие закони, а нема да се занимаваат со дневно политички теми“, рече министерот Минчев.

Тој нагласи дека основната заложба на оваа Влада е етничкиот предзнак да не биде принцип за вработување, на што допрва ќе работат.

„Мислам дека е дојдено време во администрацијата да се вработуваат луѓе врз база на знаење, на квалитет со цел да имаме силна ефикасна и добра јавна администрација. Но тоа е второто начело, првото начело е да имаме квалитетни закони, токму овие за кои денес разговараме за кои исклучително важно е да бидат применливи, да бидат системски закони. Ако го постигнеме ова тогаш можеме да разговараме за втората фаза за добра и квалитетна администрација врз база на знаење и квалитет“, рече министерот Минчев.

Тој денес извести дека ги повлекол од собраниска процедура предлог – законот за административни службеници, предлог – законот за вработени во јавниот сектор, и предлог- законот за стручно усовршување и обука на административните службеници. Предлог – законит е ќе бидат ставени на ЕНЕР, каде што сите заинтересирани ќе можат да дадат забелешки и сугестии, а истовремено во следните два месеци ќе се организираат јавни дебати и дискусии за нив.

 
30.07.2024 - 12:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега