Милошоски за „Бехтел и енка“: Не бараме некој министер да ни го раскажува договорот, го бараме на увид, 10 дена

 

 

ВМРО-ДПМНЕ го побара договорот со „Бехтел и енка“ на увид и разумен рок од 10 дена да го разгледа за да закаже седница. Пратеникот Антонијо Милошоски рече дека заклучокот од денешната координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, на која беше одлучено опозицијата да предложи тело и да одреди рок кога да биде презентиран договорот пред пратениците со безбедносни сертификати, е промашување.

„Парламентарното мнозинство самостојно си одржува координации и самостојно носи заклучоци кои нив им одговараат. Денес донеле некои заклучоци кои ја промашуваат суштината на барањето на пратениците од опозицијата. Суштината на нашето барање е според Законот за класифицирани информации. Ние не бараме договорот некој министер да ни го раскажува. Ние бараме, и имаме право, договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за договор на 500 страни, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена, да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули кои се штетни по Буџетот на Република Македонија“, рече пратеникот Милошоски.

Тој смета дека ваквото барање на пратениците е сосема легитимно оти договорот веќе го виделе и пратеници кои немаат безбедносни сертификати.

„Сметаме дека ова барање им следува на пратениците затоа што веќе е направен еден преседан. Самиот договор имале можност да го видат осуммина пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ. Тоа се оние кои ги поднеле осумте закони за измени во Собранието поврзани со авотпатите на Артан и Ковачевски. Најмалку двајца од овие осуммина се без безбедносен сертификат. Ако тие можат да прават предлог на осум клучни закони вклучително и Законот за работни односи тогаш може сите пратеници да го добијат договорот, во најмала рака сите кои имаат безбедносен сертификат да имаат време да го разгледаат и потоа Собранието на затворена седница да ги слуша забелешките, критиките пофалбите или обвинувањата од страна на пратениците. Тоа е нашето барање“, рече Милошоски.

Тој очекува власта да постапи согласно Законот за класифицирани информации и согласно Деловникот и да им го достави договорот за кој, откако ќе го разгледаат, ќе закажат затворена седница за да се расправа на него.

Утрово на редовна координација кај претседателот на Собранието на која не присуствуваше опозицијата, присутните пратеници одлучија токму опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на договорот со „Бехтел и енка“ и да определи датум кога ќе се разгледа договорот.

Во содржината на договорот увид ќе имаат само пратеници кои се носители на безбедносен сертификат и седницата ќе биде затворена за јавност.

02.05.2023 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега