Михајловска: Доколку кај одреден тестатор се утврди дека препишувале повеќе ученици, неговото име ќе биде посочено во извештајот

 

Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Билјана Михајловска вечерва изјави дека доколку кај одреден тестатор се утврди дека препишувале повеќе ученици, неговото име ќе биде посочено во извештајот што ДИЦ ќе го достави до Министерството за образование и наука. 

- Сите оценувачи, сите координатори на одреден предмет, ќе мора да ми дадат список. Ако во група од 15 ученици, кај петмина ученици е констатиран препис кај истиот тестатор, тогаш тој тестатор односно неговото име во извештајот што ќе го направи Државниот испитен центар, ќе биде доставено до Министерството. Понатаму, бидејќи во законите не се дефинирани мерки во вакви случаи, Министерството ќе треба да преземе мерки, рече Михајловска во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.

За вибер-групата во која беше споделен тестот по мајчин јазик на почетокот на испитот во саботата, Михајловска рече дека не мора да значи оти сите членови на групата се матуранти и дека злоупотребиле нешто. Смета дека проблемот не е во технологијата, туку во ставот кон матурата и чесноста кон испитот, посочувајќи дека лани на тестирањето по англиски јазик било констатирано препишување кај 3.114 ученици, а во 2016 година имало 4.000 тестови со препишување. 

- Ако секој ги почитува процедурите односно дека треба да се остават телефоните на страна, зошто тогаш би ни биле потребни блокатори, рече Михајловска. 

Според директорот на скопската гимназија „Орце Николов“, Митко Димовски, кога сите би ги почитувале протоколите и би знаеле како да постапуваат, тогаш сите би биле подобри.

- Протоколите очигледно е дека не го решија проблемот. Годинава, децата беа под стрес бидејќи беа ставени во големи простории, но повеке би акцентирал на тоа дека во одредени училишта децата беа на некој начин исплашени. Треба да се има попозитивен однос кон нив, рече Димовски.

Она од каде можеби би требало да се почне, според Димовски, е да се размисли да бидат платени тестаторите со што се согласи и директорката на ДИЦ посочувајќи дека во законот за средно образование, што не е донесен, има одредба во која се предвидува овие лица да бидат платени. 

- Ако ДИЦ имаше буџет да плаќа тестатори, секако ќе ги плаќаше тестаторите, посочи Михајловска, додавајќи дека ова не може да биде оправдување и некои наставници да ги натера да си ја вршат работата, а некои не. 

Во сабота, на 8 јуни, матурантите ќе го полагаат вториот (изборен) екстерен испит. 

04.06.2024 - 22:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега