Мицкоски згрозен од пресудата за Теодора: Да се преиспита работата на судијата
Премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата кој донесе одлука да го казни возачот кој ја прегази младата Теодора Ристевска од Тетово на две години затвор.
Мицкоски истакна дека е згрозен од ваквата пресуда и дека тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодорапрвично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.
- Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда, изјави премиерот на денешната конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Додаде дека ова не е партиска борба, туку битка за вистината, одговорноста и правдата.
- Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова, кој дозволил, кој гледал настрана – ќе одговара. И институциите, и одговорните лица, и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата, рече Мицкоски.
Пресудата за случајот на Теодора Ристевска предизвика силни реакции во јавноста. Многу луѓе изразија незадоволство и гнев на социјалните мрежи, сметајќи дека казната од две години затвор е премногу блага за сторителот. Семејството на Теодора е длабоко разочарано од пресудата. Дополнително, судијата кој ја донесе пресудата, Ељведин Ферати, беше критикуван поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврди неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа