Мицкоски за уставни измени со одложено дејство: Светските дипломати со симпатии не гледаат

 

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител телевизија истакна дека додека тој ја води Владата ќе ги брани националните интереси и порача дека е оптимист дека ќе дојдеме до решение добро за нас и граѓаните да бидат сигурни во тоа.
 
Премиерот Мицкоски истакна дека не само при посетата од Берлин туку е оптимист и од сите посети и средби изминативе недели, 4 месеци откако е избрана оваа Влада.
 
„Конечно на нас како држава се гледа како партнер, а не нешто со кое треба да се поткусуруваме. Го вративме кредибилитетот и достоинството на меѓународната сцена и на граѓаните и на Македонија како држава. Ние настапуваме со факти и аргументи, ги претставуваме тие, ги браниме интересите и во изјавата во Берлин го кажав, дека можеби потешко како помала држава да ги браниме националните интереси, но се додека јас ја предводам Владата можат граѓаните да бидат сигурни дека националните интереси ќе се бранат и ќе се одбранат“, потенцираше Мицкоски.
 
Премиерот Мицкоски посочи дека се поголем e бројот на европските и светски дипломати кои со симпатија гледаат на нашите аргументи и позиции поврзани со евентуално можно решение кое ние го предлагаме и додаде дека треба да се почекаат изборите во Бугарија за да и таму да немаат не збунувачки изјави.
 
„Многу е важна пораката и од официјална Софија и од Брисел, бидејќи ако се сеќавате на оној условно кажано договор кој го потпиша владата на Ковачевски заедно со Османи и тогашната влада на Петков и Генчовска дека го прифати, велеа дека ова сега станува проблем на Македонија со ЕУ. Кога Европски политичари велат дека сакаат да посредуваат во овој процес, тогаш од Софија велат „не, не ни требате ќе го решаваме тоа билатерално“. Сега мултилатерален е проблемот или билатерален. Има збунувачки тонови и изјави од Софија и се надевам дека кога ќе се консолидираат после изборите, ќе имаме појасна слика и ќе имаме пораки кои ќе бидат конечни и да ги гледаме како такви“, рече Мицкоски.
 
Премиерот Мицкоски нагласи дека ние велиме тогаш кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на државата во ЕУ тогаш уставните измени да важат.
17.10.2024 - 19:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега