Мицкоски: Ромскиот јазик е многу повеќе од само средство за комуникација
Ромскиот јазик е потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива, истакна премиерот Христијан Мицкоски денеска по повод Денот на ромскиот јазик.
„Денес, се собравме заедно за да одбележиме еден важен ден за ромската заедница– Денот на ромскиот јазик, кој секоја година се прославува на 5 ноември. Овој ден претставува можност да се потсетиме на значењето на ромскиот јазик, како и на богатата култура и историја на ромскиот народ, кои се суштински дел од нашето општество.
Ромскиот јазик е многу повеќе од само средство за комуникација. Тој е симбол на идентификација, на култура и на единството на ромската заедница низ целиот свет. Преку него се пренесуваат приказни, обичаи, песни и танци, кои се одржуваат од генерација на генерација. Јазикот е она што ја врзува една заедница, што и дава чувство на припадност и ја одржува нејзината автентичност.
Во последните неколку децении, се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и култура. Сепак, се соочуваме со многу предизвици, бидејќи овој јазик е и понатаму под закана од губење поради асимилацијата и недостатокот на системска поддршка. Затоа, важно е да се потрудиме да ги охрабриме младите Роми да го зборуваат, учат и користат ромскиот јазик во нивните секојдневни животи. Образованието е од клучно значење. Образованието треба да биде достапно и инклузивно за сите, бидејќи само така ќе можеме да изградиме општество кое ги почитува сите култури и различности.
Образованието не треба да биде привилегија – тоа треба да биде право достапно за секој млад човек, без разлика на неговото потекло, економската состојба или етничката припадност. Но, за жал, постојат предизвици што спречуваат многу млади да ја добијат оваа шанса. Некои од нив се економските бариери, недостатокот на ресурси и нееднакви можности. Овие предизвици мора да ги надминеме заедно. Наша задача е да изградиме систем кој ќе овозможи квалитетно и достапно образование за сите. Токму затоа, инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Со вложување во образованието, ние вложуваме во градење генерации кои ќе бидат подготвени да ги решат проблемите на иднината. Младите кои ќе создаваат иновации, ќе промовираат позитивни промени, практично градат посилно и поодговорно општество.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа