Мицкоски посакува Борисов да победи на изборите во Бугарија
Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека бугарските граѓани ќе ја изберат најдобрата влада која ќе работи во интересите на бугарските граѓани.
Прашан дали има свој фаворит на изборите во Бугарија кои се закажани за утре, Мицкоски вели дека партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ е партија која е дел од ЕПП, кадешто членува и ВМРО-ДПМНЕ па поради тоа логично е да посака Борисов да биде тој што ќе ја формира Владата.
Бугарија утре оди на седми вонредни избори во последните четири години. Земјата се соочува со голема политичка нестабилност и не може да формира стабилна Влада.
Од шесте избори од 2021 година, само два произведоа избрана влада, но и двете коалиции пропаднаа откако се обидоа да воведат реформи, да се справат против митото и да ја намалат зависноста од Русија.
Немаше јасен победник на последното гласање, одржано во јуни, а седумте партии избрани во фрагментираниот законодавен дом не беа во можност да состават одржлива коалиција.
Набљудувачите сугерираат дека претстојното гласање ќе произведе повеќе од истото и дека шансите за итен крај на политичкиот ќор-сокак се мали.
Анкетите предвидуваат дека заморот на гласачите и разочарувањето од политичкиот систем ќе резултира со слаб одѕив и нов распаднат Парламент каде популистичките и проруските групи би можеле да ја зголемат својата застапеност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа