Мицкоски: Нема веќе рекетари и братучеди - економијата расте
Извоз од најмалку 35 милиони евра во првата година треба да донесе новата фабрика за литиумски батерии во ТИРЗ во Скопје, објави премиерот Христијан Мицкоски на денешното удирање на камен-темелникот на новата странска инвестиција.
Инвестицијата на германската компанија „BMZ Group“ тежи 65 милиони евра, а според претставничката Јелица Ивановска фабриката веќе работи со производни линии во просториите на поранешен „Раде Кончар“.
Погонот кој се очекува да работи со полна сила во мај може да отвори пазари за извор и во други земји освен Германија, со која во моментот најмногу работи „BMZ Group“. Планирани се 40 производни линии во првата фаза и до 1.000 вработени.
– Во тек се преговори за проширување на две постоечки инвестиции од странски инвеститори, но и една нова од моќна членка на ЕУ и таа ќе се заврши до крајот на годината. Мислам дека со тоа ќе биде исцрпен потенцијалот на човечки инвестиции од ваков тип кај нас. Не може човек да не биде радосен кога се отвора инвестиција од 65 милиони евра со минимум 750 вработени, планиран е извоз од 35-40 милиони евра извоз во првите години, максимум 60 милиони во првите три години, а извозот понатаму може да достигне и до 130 милиони евра. Да се множат ваквите инвестиции – рече Мицкоски.
Мицкоски зборуваше и за порастот на индустриското производство од 3,8% и факторите што влијаеле на тоа. Тој вели дека во првите два квартали имало големи падови при работата на претходната влада, а во мај падот бил двоцифрен.
Премиерот очекува БДП-то да расте до крајот на годината, а меѓу причините ја спомна и стабилната бизнис-атмосферата во земјата во која, како што вели, сега нема „фудбалчиња по кабинети и рекетирања“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа