Мицкоски: Да се додаде уште еден предлог кон договорот со Бугарија оти францускиот беше репреговарање

Премиерот Христијан Мицкоски не гледа причина кон договорот за добрососедство со Бугарија да не се додаде уште еден предлог.

Мицкоски во таа насока појасни дека т.н. француски предлог, од кој прозилегоа уставните измени, е всушност репреговарање на договорот за добрососедство. Неговиот коментар следуваше откако американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за Радио Слободна Европа рече дека преговори нема да има ниту за Преспа ниту со Бугарија за ЕУ.

„Што се однесува во уставните измени, кои се дел од т.н. француски предлог, кој е додаток на договорот за добрососедство, односно репреговарање на договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека диктати и ултиматуми не прифаќаме, така што ако може договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. француски предлог, не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија“, рече Мицкоски.

Повтори дека не можеме да водиме политика на двојни стандарди. Ако бараме промена во Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да видиме што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед, кои велат дека се дел од македонската заедница, рече Мицкоски.

Никој не е против бугарската заедница, ние ги почитуваме тие неколку стотини наши сограѓани, кои велат дека се дел од бугарската заедница, рече Мицкоски, но бараме од претедателот на Бугарија да ги почитува малцинските и човековите права на македонската заедница таму.

01.07.2024 - 14:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега