Мета и Твитер отпуштаат работници, ТикТок продолжува да вработува
Додека голем дел од Силиконската долина се бори со замрзнување и намалување на вработувањата, барем една компанија за социјални медиуми планира да продолжи да вработува нови луѓе – TикТок.
Компанијата останува посветена на својата цел да ангажира речиси 1.000 инженери во нејзините канцеларии во Маунтин Вју, Калифорнија, изјави за Си-Ен-Ен лице запознаено со ситуацијата.
Извршниот директор на ТикТок, Шо Чи Чу, потврди дека компанијата сè уште вработува нови луѓе, говорејќи на Форумот за нова економија на Блумберг во Сингапур, додека отпуштањата во други слични компании, вклучувајќи ги Мета и Амазон, беа тема.
„Отсекогаш сме биле многу внимателни кога се работи за вработување. Во оваа фаза од нашиот раст, мислам дека ова темпо на вработување е соодветно за нас“ – рече тој.
Во последниве недели, Мета објави дека укинува 11.000 работни места низ компанијата, Твитер отпушти речиси половина од своите вработени под новиот сопственик Илон Маск, а и Амазон потврди дека почнал со масовни отпуштања.
Сегашните и поранешните лидери на овие компании рекоа дека тие се прошириле премногу брзо, особено за време на пандемијата кога корисниците го преместиле поголемиот дел од својот живот на интернет.
Сега овие компании се соочуваат со опаѓање на побарувачката и илјадници кратење на работни места, бидејќи економијата се влошува и се зголемува стравот од рецесија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа