Меси: Закрепнувањето од Ковид-19 оди потешко од очекувањата
Ѕвездата на Пари Сен-Жермен, Лионел Меси, признава дека му е потребно подолго време од очекувањата да закрепне од инфекцијата со Ковид-19, но ги увери фановите дека едвај чека да се врати во акција.
Меси беше позитивен при посетата на својот роден град Росарио во Аргентина за време на божикните празници кога беше на повеќе забави во градот. Од таму тој се врати во Париз со негативен тест и ги извести фановите за плановите за 2022.
„Како што знаете, имав Ковид-19 и сакав да се заблагодарам на сите пораки што ги добив и да ви откријам дека ми беше потребно повеќе време од очекуваното да се вратам во добра состојба. Но, сега сум речиси оздравен и едвај чекам да се вратам на теренот. Тренирам за да бидам 100 отсто подготвен и се надевам дека бргу ќе се видиме. Ви благодарам“, пишува Меси на „Инстаграм“.
Саботниот меч од Лига 1 против Брест, најверојатно, е преран термин за враќање, а поверојатен датум е 23 јануари кога ПСЖ дома го пречекува Ремс. Со 11 поени предност на врвот на табелата, Меси не е веднаш неоопходен во тимот на Маврисио Покетино, но мора да е во топ-форма пред дуелот со Реал Мадрид во Лигата на шампионите – првиот меч се игра во Париз на 15 февруари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа