Меџити се пофали: Како никогаш досега ќе се бориме против злоупотреби во здравството

 
Мене еден од најважните партнери ми се новинарите и медиумските куќи, да не оставиме простор за провлекување на дезинформации и шпекулации, затоа што знаеме дека над сѐ треба да биде здравјето на пациентите, порача министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на денешниот брифинг со новинарите.
Министерот пред новинарите говореше за актуелните предизвици во здравството и презентираше што е во фокусот на работата на министерството со кое раководи.
 
-Министерството за здравство иницираше зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на 5 милиони евра. Тоа е двојно повеќе средства и сум горд на ова. Наша определба е да го ги забрзаме реконструкциите, набавката на опрема бидејќи клучна причина за незадоволство од јавното здравство е лошата инфраструктура и услови. – истакна Меџити.
 
Меџити најави дека е предвидена нова динамика во изградба и реновирање здравствени установи, а информираше и дека течат и законските рокови по откочување на децениски заглавените проекти, како што се болниците во Штип и Кичево. Тој потенцираше и дека во  финална фаза е и стратегијата за нова реорганизација на здравствените институции и систематизација на работните места, како и стратегија за задржување на младите лекари во земјава. Министерот најави и нова пракса за пријава на можни злоупотреби во здравството.
 
„Како никогаш досега ќе има нова пракса за вработените во Министерството за здравство ние сами кога ќе собереме точни информации, јас лично еве ви гарантирам и пред јавноста како министер ќе одам во Обвинителството лично и ќе ја доставам целата документација за можна злоупотреба.“- нагласи Меџити.
 
Министерот Меџити истакна дека е многу важно пациентите да имаат доверба во лекарите и дека не треба сите здравствени работници да бидат ставени во ист кош, потенцирајќи дека ќе биде направено сѐ по случајот со онкологија да се врати довербата на пациентите во квалитетот на здравствената заштита.
Меџити најави дека ќе продолжи да организира средби со медиумите и побара поддршка за доставување на аргументирани и точни информации до граѓаните.
18.09.2023 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега