Маск се премисли, нема да го купува „Твитер“

 

Адвокатскиот тим на Илон Маск напиша писмо до „Твитер“, во кое информира дека тој го прекинува предложеното купување поради тоа што компанијата го прекршила договорот за спојување.

Во писмото магнатот наведува дека сака да се повлече од договорот бидејќи компанијата прекршила повеќе одредби од тој договор, давала неточни изјави врз кои тој се потпирал при неговот склучување“.

„Твитер“ реагира експресно со соопштение во кое најавува дека ќе поведе правна постапка против Маск за да се осигури дека договорот ќе се реализира според договорените услови.

Управниот одбор порача дека компанијата ќе се обиде по судски пат да ја спроведе купопродажбата.

„Одборот е посветен на комплетирање на трансакцијата во согласност со цената и условите договорени со г. Маск и планира да поведе правна постапка за да го зацврсти договорот за спојување. Уверени сме дека ќе победиме на суд во Делавер“, твитна во петокот Брет Тејлор, претседател на одборот на „Твитер“.

Претходно истиот ден, Маск ја обвини компанијата дека не обезбедила детаљни информации за лажните и спам-профили на платформата и не им дала доволно податоци на Маск и неговиот тим за да направат сопствена анализа.

„Речиси два месеца господин Маск бара податоци и информации за да направи независна процена за распространетоста на лажни и спам-профили на твитер-платформата. Компанијата не успеа или одби да ни ја обезбеди оваа информација“, пишува адвокатскиот тим на Маск во барањето за прекин на постапката.

„’Твитер’ не достави информации и покрај тоа што господин Маск во неколку наврати даде детаљни појаснувања наменети за поедноставување на идентификација, собирање и обелоденување на најрелевантните информации на кои тој инсистира во своите првични барања“.

Маск, односно неговиот адвокатски тим, исто така тврди дека отпуштањето на неколку клучни раководители на компанијата и замрзнувањето на новите вработувања биле направени без претходни консултации со него, што според негово мисење, исто така е прекршување на договорот.

11.07.2022 - 22:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега