Македонија од мај ќе добие берза на електрична енергија
Од наредната година ќе почне со работа берзата за електрична енергија. На тој начин конечно ќе добиеме референтна цена за Македонија. Во моментот тргувањето во Македонија се случува по билатерален пат и цените по кои се тргува се базираат главно по цените кои се референтни за унгарскиот пазар, односно референтните цени на берзата во Унгарија ХУПЕКС. Договор со берзата ќе треба да склучи секој трговец на берзата, а цената на електричната енергија ќе зависи од пазарот на тргување, односно од понудата и побарувачката.
Како што рече Симон Шутиновски генерален директор на Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО ДОЕЛ – Скопје кој ќе управува со пазарот на електрична енергија, се очекува берзата да профункционира во април или мај, а на неа. првично ќе се тргува по принципот ден однапред, што значи купување и продавање на енергија од денеска за утре.
– Овој проект е во фаза на имплементација. Завршивме со правилата за тргивање на берза и се очекува до крајот на февруари 2023 година нив да ги усвои Регулаторната комисија за енергетика по што ќе почне пробниот период на работа на берзата. Во моментов се врши имплементација на трговска платформа и платформа за финансиско порамнување и се очекува сето ова да се заврши некаде до крајот на првиот квартал од идната година кога очекуваме да се изврши тест период, изјави Шутиноски.
На берзата ќе може да тргуваат сите производители на електрична енергија кои сакаат да ја продадат својата енергија, транспарентно, на недискриминаторен начин и сите оние снабдувачи и трговци на електрична енергија кои сакаат да купат енергија на истиот начин од берзата на електрична енергија.
–Берзата на електрична енергија ќе гарантира за трансакциите на електрична енергија на големо кои се случуваат при трговијата на електрична енергија, односно е сигурност за тргување и за продавање на електрична енергија од производителите, а и сигурност за оние кои купуваат дека таа трансакција ќе се оствари. Берзата кај нас првично ќе почне да работи во сегментот ден однапред, што значи тргување со електрична енергија од денес за утре и со тоа конечно во Македонија ќе се добие референтна цена на електрична енергија, посочи Шутиноски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа