Лога: Преамбулата е приоритет, очекувам поддршка од опозицијата за уставните измени

 

Преамбулата останува да биде приоритет на работната група која ќе ги подготвува уставните измени и за кратко време предлогот на кој работат ќе биде презентиран пред јавноста, порача министерот за правда Кренар Лога во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Тој очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, иако од опозицијата не испратија претставник во работната група.

„Во неколку изјави ВМРО-ДПМНЕ има дадено простор дека ќе ги подржи уставните измени, и тоа најмалку два пати. Нивниот лидер еднаш рече дека бара цврсти гаранции од ЕУ, па кажа дека ќе имаат позитивен став ако имаме формулација како во Хрватска. Така да, ако ВМРО не најде сила како една од најголемите политички партии, внатре во ВМРО-ДПМНЕ ќе се најдат вистинските луѓе кои знаат да ја препознаат иднината на државата, дека нема друг пат, бидејќи ова што се бара и очекува од нас мора да се исполни“, вели Лога.

Лога потенцира дека работната група се фокусира на преамбулата, но не ја отфрла можноста да се разгледуваат и други прашања за измени на Уставот ако се постигне консензус, меѓу кои прашањето за албанскиот јазик и процентите.

„Верувам дека тие прашања ќе треба да се отворат во таа работна група и да се дискутираат. Во овој момент јас не би сакал да дадат никаква изјава затоа што може да се искористи за злоупотреба за дневни политички цели“, потенцира Лога.

Во однос на случувањата во Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, министерот за правда нотира двојни аршини во правосудниот систем.

„Јас заедно со Кабинетот ги имаме разгледано овие случувања и дискутираме меѓу себе како е можно за истите врвни органи на правосудниот систем да има двојни аршини. Во едниот да се дава можност без расправа, без причина и без дисциплинска постапка да се разрешува, а во другиот дел, само за една изјава која треба исто така да се докаже дале е или не е така, да се побара во итен рок да се одговара дисциплински“, порача министерот за правда во интервјуто.

07.05.2023 - 12:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега