Лефков: ВМРО-ДПМНЕ бара ревизија на сите пресуди каде криминалци наместо затворски добиле пониски казни

 

Јавноста е шокирана од настојувањето на Кривичниот суд да ја оправда својата одлука со која лице, кај кое биле пронајдени над 80 пакувања амфетамин, било третирано со воспитна мерка наместо со построга санкција, кажа денеска на прес конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да ја преземе одговорноста за очигледниот пропуст, судот продолжува да го брани својот став, дури и по тоа што истиот сторител, на слобода, предизвика трагедија со одземање на невин живот. Ова однесување повторно ја оправдува катастрофалната оценка што граѓаните му ја даваат на судството – „двојка минус“. Наместо да биде чувар на правдата, македонското судство повеќе се грижи за формални оправдувања отколку за вистинска правда“, вели Лефков.

Тој нагласи дека „судијката која ја донесе скандалозната одлука за ослободување на сторителот не е непозната за јавноста“.

„Во изминатите седум години беше главен извршител на политичките монтирани процеси на СДС против ВМРО-ДПМНЕ, носејќи драконски казни за политички неистомисленици, додека криминалци и нарко-дилери блиски до поранешната власт добиваа поблаги санкции или беа ослободувани. Овој случај е дополнително скандалозен затоа што сторителот бил третиран како „млад возрасен“, категорија што судството ја користи за да доделува поблаги санкции, иако се работи за полнолетно лице кое веќе извршило сериозно кривично дело. Наместо да се земе предвид количината на запленетата дрога и ризикот што го претставува, судот решил да примени воспитна мерка, со што овој случај заврши со фатални последици“, истакна пратеникот и додаде дека „ова не е прв пат судот, под влијание на СДС, да носи одлуки што завршуваат со човечки трагедии. Потсетуваме дека истото се случи кога нивниот човек, Зоран Милески – Кичеец, беше пуштен од затвор пред време, а потоа направи страшна сообраќајна несреќа кај Стража во која загина човек“.

Лефков праша – колку други вакви случаи има за кои јавноста не знае? Колку други блиски луѓе до СДС биле пуштени на слобода, наместо да одговараат пред законот? Дали судството стана инструмент за заштита на одредени интереси наместо да биде гарант на правдата?

„ВМРО-ДПМНЕ бара итна ревизија на сите вакви пресуди и судските органи да покажат зголемена одговорност во одлучувањето. Безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет, а не заштитата на поединци блиски до СДС. Судството мора да престане со практиката на селективна правда и конечно да работи во служба на граѓаните, а не на одредени политички и криминални структури“, заклучи Лефков.

01.02.2025 - 11:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега