Ковачевски за влез на Беса во Владата: Вратата е отворена за сите, такви разговори во моментов нема
По влезот на Алијанса за Албанците во Влада и можноста со себе во владејачкото мнозинство да го повлечат и стариот коалиционен партнер Беса, премиерот Димитар Ковачевски вели дека вратата е отворена за сите партии кои го поддржуваат европскиот пат на земјата.
Иако министерските места се пополнети, премиерот Ковачевски вели дека сите партии имаат можност на различни нивоа и функции да учествуваат во власта.
„Такви разговори нема во моментов меѓутоа јас и во моето експозе при изборот на министри и заменици во реконструкцијата која заврши вчера кажав дека оваа Влада останува отворена за сите политички партии, поединци и организации кои сакаат да се приклучат на европскиот сојуз, кои сакаат да учествуваат во носењето одлуки за побрзо зачленување на државата во Европската Унија и кои ќе значат носење побрзо и поефикасно на реформските закони за сите значајни обласи од владеењето на правото, економските мерки и така натаму во Собранието. Доколку која било партија оцени, врз основа на своите програмски определби, врз основа на својата визија, врз основ ана своите одлуки дека сака да биде дел од оваа Влада, тогаш вратата е отворена. И сега во Владата има владини партнери кои немаат министерски места, но се дел од владиното мнозинство. Тие согласно своите кадровски потенцијали, согласно својата определба учествуваат во партиципирањето на власта на различни нивоа и низ различни функции таму каде што сметаат дека најмногу и најдобро може да ги искористат и кадрите со кои располагаат но и програмите што ги затапуваат“, рече премиерот Ковачевски.
Тој уште еднаш повтори дека има партии кои декларативно се за европскиот пат на државата но не гласале ниту една одлука.
„Она што мене најмногу ме загрижува и искрено кажано како граѓанин најмногу ме погоди е што при гласањето на ратификацијата на договорот за Фронтекс, каде што првпат македонскиот јазик стои заедно со сите други јазици на ЕУ на еден договор, не се случило претходно. На таа ратификација пратениците на ВМРО – ДПМНЕ не најдоа за сходно ниту да влезат во салата за време на гласањето“, вели премиерот Ковачевски.
Поширока владина коалиција за него значи разноликост во програмите и можност секоја од партиите да се докаже во областите за кои смета дека има соодветен кадар.
Партијата Беса, пет дена пред вториот круг од локалните избори во 2021 година, коалицираше со Алијанса за Албанците, која сега е дел од Владата на Ковачевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа