Ковачевски во увид на цевководот „Макарија“: Вода за наводнување ќе има, инвестициите продолжуваат
Владата на Република Северна Македонија, на една од последните седници го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да достави предлог измена на Програмата за водостопанство, со што се обезбедуваат потребните над 1,3 милиони евра за санација на проблемот.
„Во моментов, фирмата изведувач интензивно работи на санирање на дефектот и очекувам тоа брзо да се заврши, со што повторно ќе може да се обезбеди ефикасно наводнување на земјоделските површини, да се запази сезоната за наводнување и очекуваниот принос од околу 30 илјади тони на земјоделски култури. Се работи за непристапен терен, за систем за наводнување кој е оставен на забот на времето 50 години и за среќа во државата имаме и изведувачи и професори од Градежниот факултет, кои во најкраток период успеаја да најдат решение, кое веднаш тука ќе биде направено“, рече премиерот Ковачевски, при денешниот увид во Росоман.
„Знаеме колку е важно за една квалитетна реколта да се има навремено наводнување на површините и на земјоделците им порачувам, да не се грижат, системот набрзо ќе се стави во функција и вода за наводнување ќе има. Затоа ставаме силен фокус на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, односно на реконструкција и изградба на модерни системи и брани за наводнување. Овие инвестиции значат намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна, ќе влијаат на зголемување на производството на храна и создавање на модерно и европско земјоделство“, истакна премиерот Ковачевски.
„Со овие инвестиции решаваме децениски проблеми на земјоделците, обезбедуваме навремено и квалитетно наводнување на посевите. Нашата цел е да имаме повеќе домашна храна, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, со мотивирани и задоволни земјоделци“, изјави премиерот Ковачевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа