Ковачевски: Владата и ЕСМ обезбедија стабилно снабдување со струја и парно во услови на најголемата светска енергетска криза
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција, заедно со генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, ги презентираа податоците од Годишниот финансиски извештајот на ЕСМ за 2022 година, како и податоците за производството на струја.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека во услови на најголемата светска енергетска криза и покрај безбројните шпекулации, лажни вести, неосновани црни сценарија Владата успеа за граѓаните да обезбеди сигурно, стабилно снабдување со струја и парно од почетокот до крајот на грејната сезона.
„Се шпекулираше дека нема да имаме домашно производство, дека ќе има крах на целиот систем, дека ќе има рестрикции, дека ТЕЦ Неготино нема да проработи, во РЕК Битола дека нема да стигне трансформаторот. Напротив, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона. Го зголемивме домашно производство на електрична енергија. АД ЕСМ обезбеди 100% снабдување со електрична енергија, иако по закон требаше 60%.
Паралелно го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град. Со многу напорна работа, посветеност и голем ангажман, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време-сигурна електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции“, истакна премиерот.
Во услови на енергетска криза АД ЕСМ во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.406 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза.
„Планирано беше да набави електрична енергија од 392.430,00 MWh во вредност од над 146 милиони евра. Но, АД ЕСМ со зголеменото производство набави помалку, односно 175.750 MWh електрична енергија во вредност од околу 48 милиони евра, што е заштеда од скоро 98.5 милиони евра. Ова значи дека кризата ја претворивме во можност. Уште еден позитивен податок, во февруари годинава, споредено со февруари 2022 година, за 80% го зголемивме производство на струја. ЕСМ на 12 февруари произведоа и испорачаа во електро-енергетскиот систем скоро 23 илјади MWh(22.933 MWh) електрична енергија. Ова е највисоко дневно производство во последните 10 години“, рече претседателот на Владата.
Премиерот истакна дека со правилни политики, паралелно се развиваше и зелената транзиција.
„Нашата земја веќе е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб. Континуирано расте интересот за инвестиции во обновливи извори. Расте, само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија", истакна премиерот.
Генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, истакна дека АД ЕСМ во 2022 година оствари вкупни приходи во износ од 34 милијарди 93 милиони и 3 илјади денари или 554 милиони и 358 илјади евра, вкупни расходи во износ од 31 милијарда 578 милиони и 898 илјади денари или 513 милиони и 478 илјади евра за 2022 година. АД ЕСМ искажа позитивен финансиски резултат остварена добивка во износ од 2 милијарди 514 милиони и 105 илјади денари или 40 милиони и 880 илјади евра.
„Поддршка од Влада на Република Северна Македонија добивме 10 милијарди 903 милиони и 908 илјади денари. АД ЕСМ во услови на криза успеа да постигне рекордно дневно производство во последната деценија. Во текот на февруари 2023 АД ЕСМ преку капацитетите со кои располага произведе 22.933 MWh електрична енергија во еден ден, што претставува највисоко дневно производство во последните 10 години и нов рекорд во работењето на АД ЕСМ во последната деценија, благодарение на максималната ангажираност и професионална работа на сите вработени во компанијата. АД ЕСМ од почетокот на 2023 година до сега произведе 44% повеќе електрична енергија споредено со истиот период лани, а дури 61,8% повеќе од истиот период во 2021 година. Во 2022 година предвидено беше производството во однос на 2021 година да се зголеми за 20%, ние успеавме да го зголемиме за 26,7%“, истакна генералниот директор на ЕСМ.
Директорот Ковачевски потенцираше дека АД ЕСМ успеа да ја изменаџира енергетската криза со електрани стари по 40, 50 и 60 години.
„Нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно континуирано санирање и одржување. Кога велам континуирано, мислам буквално секојдневно. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК Битола кои не беа направено подолго време, вложивме средства и време и работа се со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните.
АД ЕСМ некаде од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената Стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио.
Во тек e реализација на проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1.760 MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1.420 MW“, рече Васко Ковачевски генерален директор на АД ЕСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа