Ковачевски: Со иднината на државата нема тргување


СДСМ не прифаќа никакви условувања и со никого нема да прави политички дилови, особено не со некого кој веќе се продал на нашиот политички противник и мора да пишува писма за да го оправда своето шурување и своето коалицирање со нашиот политички противник. Овде се работи за прашање на иднината на државата и со неа нема тргување, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од митингот на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Аеродром.

Тој пред граѓаните рече дека се фокусирани да го постигнат најдобриот резултат на претстојните избори на 8-ми мај и повика на мобилизација на сите демократски и прогресивни сили за, како што посочи „ да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ“.

-СДСМ е најголемата и единствената автентична социјал-демократска партија во Македонија. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек - партија, СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Нас не водат социјал-демократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија. Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ истакна дека доколку десничарска партија како ВМРО - ДПМНЕ добие преголема моќ, тоа ќе ги убие ЕУ перспективите. 

- ВМРО ќе ја одложува евроинтеграцијата во недоглед, тие немаат ниту план, ниту се доследни во остварување на стратешките цели. Тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој.  Оваа земја нема да се помести ни милиметар напред со ВМРО. Ќе глумат дека работат, а во реалноста нема ништо да се менува. Сме го виделе тоа со Груевски, знаеме како изгледа. Не сакаме само лоша реприза на неговото владеење, нагласи Ковачевски.

Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и да ја дадат довербата за Пендаровски и за СДСМ бидејќи, како што рече, силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата.

- Основната цел на нашата програма е брзи, ефикасни и успешни преговори со ЕУ затоа што знаеме дека само на тој начин може да обезбедиме повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство, порача Ковачевски.

Ковачевски во своето обраќање пред граѓаните на Аеродром истакна дека СДСМ е единствената политичка партија која никогаш нема да се откаже од инклузијата и која константно придонесува мултиетничкиот карактер на Македонија. 

-Но, деновиве, за жал, слушам опасни наративи кои може лесно да разгорат меѓуетничка нетрпеливост. Лидерите на ВМРО и на ДУИ се однесуваат во најмала рака неодговорно и кон државата и кон граѓаните. Им порачувам на Мицкоски и на Ахмети – граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ, граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во минатото. Престанете да се препукувате со штетни скандирања и закани, кои никому не носат добро. Ние нема да ви дозволиме да си играте со европската иднина на нашите деца! Граѓаните нема да ви дозволат да се коцкате со нивната иднина, порача Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Аеродром.

30.04.2024 - 21:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега