Ковачевски: Се работи за нелегална такса која ЕУ ја воведе за транспорт на гасот низ Бугарија

Покрај тоа што денес Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10, Ковачевски и Брнабиќ одржаа прес конференција каде се спомена и таксата ЕУ ја воведе за транспорт на гасот низ Бугарија за која Ковачевски вели дека е нелегална.

„Јас ќе го повторам тоа што го кажав и јас и тоа што го кажа и министерот за надворешни работи. Нашата држава на вчерашниот прес кој беше заеднички со колегата од Бугарија, се работи прво за нелегална такса која ЕУ ја воведе за транспорт на гасот низ Бугарија. Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја воведе Бугарија. Тоа е точно. Но мораме да знаеме дека Бугарија е членка на ЕУ и не може таа од утрото да биде земја членка на ЕУ кога ќе стави на пример вето, а попладне да не биде членка и потоа да  воведе такса од 10 евра за гасот кој се транспортира низ  Бугарија. Ние ова прашање го упативме и до ЕУ и до Бугарија. Она што Северна Македонија има како дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот кој е единствен кој Македонија го има сега, тоа е на грација со Бугарија, е даден во стопроцентен закуп на Газпром. Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да би набавувале и од други извори на гас покрај рускиот“, рече тој.

Ковачевски рече дека прашањето е поставено пред ЕУ и дека разговарале и со бугарската Влада. 

„Повторувам. Се работи за нелегално воведена такса која треба да се отстрани или да биде зголемен капацитетот на постоечкиот гасовод со што би се овозможило Македонија да се снабдува од други извори. Ние ќе ги искористиме сите правни можности кои и се даваат на една суверена држава и пред ЕУ и пред другите меѓународни институции“, додаде Премиерот.

На прашањето колку е значаен ваквиот проект воопшто за развој на целиот Балкан и за поврзување на сите граѓани кои во тој регион живеат, Брнабиќ рече дека заедно со Северна Македонија тие на овој проблем ќе работат заедно.

„До крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград како би се приклучиле на алтернативни извори на гас, така што предвидливоста е клучна кога планирате на крајот на краиштата енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се бавиме со ова прашање и како што рече Ковачевски, секако тука ја очекуваме и поддршката од ЕУ и разбирањето од колегите во Бугарија. Што се однесува на поврзувањето, би рекла не од исклучителна туку од клучна важност е поврзувањето помеѓу земјите во регионот и заради тоа и таа агенда на поврзување (коњективити џенда), па потоа и создавање на транспортна заедница на ЈИЕ со седиште во Белград во рамките на Берлинскиот процес е една од најважните работи кои се дефинирани уште од 2014 година. И ние тука како Република Србија многу работевме, многу вложивме и го завршивме патниот Коридор 10, значи целосно поврзување од границата помеѓу Република Србија и Хрватска, но и Унгарија и Србија низ целата должина на Република Србија и долу јужниот крак до границата со Северна Македонија и источниот крак до границата со Бугарија, продолжуваме со поврзување со изградбата на автопатот Милош Велики до Пожега, па понатаму кон Сараево и кон границата со Црна Гора“, вели таа.

Брнабиќ додаде дека железничкиот коридор што почнал да се гради од Ниш до Димитровград, значи дополнителен железнички коридор со Бугарија и поврзување со Северна Македонија.

„Имаме план за поврзување и со Црна Гора и разговараме за железничкиот Коридор Белград – Загреб – Љубљана кој дополнително би не поврзал со Австрија и Италија. Ако немате инфраструктурно поврзан регион, не е реално да можете да извезувате на трошковно-ефикасен начин се она што го производите. Но исто така не е реално ни да инвестирате во идното поврзување на луѓе ако немате патишта каде што денес немате пруга, немате ни размена практично и на млади, ни какво било дополнително поврзување кое гарантира друга иднина за разлика од минатото каква што ја имавме. Така што и денес во таа смисла е голем и важен ден затоа што со ова, повторувам не ги поврзуваме ние само Ниш и Скопје, туку Скопје преку Ниш и Белград и Суботица со Будимпешта и понатаму со Централна и со Западна Европа, туку ја поврзуваме целата ЕУ со железничкиот коридор до Солун, до Атина и се разбира до пристаништето во Пиреј што значи потполно поинаква иднина за овој дел од светот, овој дел од Европа“, појасни Брнабиќ.

 

 

 

 

17.11.2023 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега